пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Секој еден што се нарекува аналитичар, активист, „слободњак“ (го сакам овој термин за себе!), политички коментатор, знае: политичката дебата на мејнстрим медиумите е брутална, навредлива, дискриминаторска… Тоа е манирот на улицата, на тоа, пак, кога ќе додадеме национална концесија, не можеш батице да очекуваш ништо друго освен „пизма“ во најдобра, а скршена глава во најлоша варијанта.
Не треба човек да биде гениј за да сфати дека Груевски, или она што се нарекува негова оставина, ги упропасти медиумите на начин што луѓето престанаа да им веруваат, затоа што денес, а така беше и вчера, политиката е претворена во „пиарчење“ и јавни закани. Нема поголема разлика ниту кај глобалните медиумски трендови кои се мерат секоја година – било да мери Ројтерс, било да мери агенцијата Галуп на подрачјето на САД.
Тоа што некогаш не би поминало ниту во кафеанска расправа или она што некогаш заебантски се нарекуваше „чамче муабет“, или „пет пари муабет“, или „разговори пред селска коперација“, стана стандард за телевизиите со национална концесија. И сам лично сум одбивал купишта покани на телевизија, само за да покажам (кому, всушност?) дека не ме интересира лична промоција (не сум јас „певачица“ за да ми треба ултра популарност!), туку ме интересирала полемика и аргументација.
Класичните мејнстрим дебати ги водат новинари/презентери/водители кои немаат појма за темата која ја наметнуваат, дури не се ни трудат да го „управуваат разговорот“: пуштен си брате на телевизија како „гоедо на паша“, па како ќе му се потрефи и на едното и на другото.
Овде се измеша сè: уредници на таблоидни медиуми настапуваат како претседатели на Влади; други настапуваат како шефови на тајна полиција, па ги тумачи случувањата од областа на организираниот криминал; криминалци зборуваат за уметноста, за љубовта, други делат лекции за историја и се закануваат на новинари кои им сметаат, доктори објаснуваат сè, од лекови до геополитика; режисери објаснуваат за националниот идентитет и стратешките цели на државата испраќајќи заканувачки пораки на оние кои не се Македонци…
Што сè не се наслушавме изминативе години? Сè што видовме, може да се дефинира во една порака: сите кои се против Владата и Ковачевски се лоши и треба да ги елиминираме; a сите кои се опозиционо настроени се добро и исправни, вистински патриоти. И тоа е целата приказна.
Аналитичката „дебата“ која има јасен „фокус“, така што ако преку историјата (читај, националистичка историографија!) се дере по владата која сака да го реши последниот билатерален спор со Бугарите, тоа значи дека дебатата е „добра“; секој оној што повикува на мир, на решавање на спорови и исчекорување кон европеизација на земјата, таквиот е експлицитно лош, предавник и колаборант со „непријателот“.
Затоа овде сите расправи најчесто и најжолчно се виртуелни. На Фејсбук и на портали. Луѓето во огромна мера бегаат од реални дуели, оние дуели кои се „очи в очи“, затоа што зборовите во живо многу повеќе обврзуваат, а не би требало да биде така. Зборовите секогаш обврзуваат, било да се „во живо“ или било да се „виртуелни“. Целта на медиумите е да доведат двајца кои не се согласуваат во ништо, потоа очекуваат да падне по некоја навреда само како би се успеало нешто да се „напакува“ за на Фејсбук, а ако во студиото нема противници, тогаш ќе биде измислен – ќе се читаат објави од мрежите на начин што гостинот ќе ги коментира. Гостите во телевизиите не мора да мислат и полемизираат, доволно е само да го потврдат ставот на водителот.
Публиката е исложена на стихија од безвезно мислење и квазидуховни опаски. Водителите од аналитичарите бараат единствено да се на спротивни позиции од она кое го зборуваат на Фејсбук. Парадоксално, инфлацијата од „добри дебати“ ја уби дебатата, се обесмисли секој цивилизиран обид да се расправа. Манирот на улицата што во македонските медиуми ја воведе Груевски, а Мицкоски само ја продолжи и зајакна, стана во некоја смисла доминантен модел последните десетина години. Погледајте го она лудило кое се нарекува Левица, погледајте ги нивните корифеи што и како во јавноста изговараат, погледајте ја таа буст-вакцина на ВМРО-ДПМНЕ прикриеана во обланда од некакво „левичарење“, и јасно ќе ви биде речиси сè.
Еве еден конкретен пример. Го критикував академикот Коцарев за еден негов глупав текст објавен на „Фронтлајн: „Академик Коцарев Љ. или Последниот Груевист во Европа што тешко чита и погрешно го разбира Орвел’“, па ми се појави сурија од почитувачи на „ликот и делото“ на академикот, така што желудечно ме поплукаа и дифамираа што целата уличарска багра застана на неговата одбрана, а за мене беше куш, затоа што кој сум јас да критикувам еден „расен“ академик?
И, ако ја продлабочиме оваа епска кавга, ќе видиме дека патријахално-нормативната публика, од ред сите авторитарни гласачи на десница, не сака кога некој им ги критикува нивните светини или идеолошки татковци.
Кант добро знаеше: не можете роб да ослободите од закрилата на својот идеолошки татко, дури и кога таквиот татко има ужасно глупав и неписмен текст испишан на македонски „литературен“ јазик за големиот Орвел. Сè во име на уличарската дебата, разбира се.