Иницијативата „Отворен Балкан“ претставува можност Србија, Албанија и Северна Македонија заедно да реализираат проекти во областа на енергетиката, пред се во делот на нови капацитети и за зајакнување на енергетската безбедност, изјави српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ.
Иницијативата „Отворен Балкан“ е одлична можност и за поврзување и соработка за поголем проток на луѓе, стока и капитал, како и за заеднички проекти, рече Михајловиќ денеска во Белград каде се одржува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ организиран во рамки на Иницијативата „Отворен Балкан“.
Нагласи дека денеска во Белград доаѓаат премиерите на Албанија и на Северна Македонија и дека ќе бидат потпишани неколку спогодби.
Имаме и заедничка енергетска кризна група за која неодамна говоревме во Тирана. Со Северна Македонија имаме неколку проекти кои планираме да ги реализираме. Еден е гасоводот со капацитет од 1,4 милијарди кубни метри гас што ќе чини околу 20 милиони евра. Исто така, разговараме и за можностите да градиме заедничка соларна електрана, рече Михајловиќ.
Кога е во прашање Албанија и изградбата на нов ЛНГ терминал, додаде, разговараме за можностите Србија да биде дел од тој проект.
Тој терминал би требало да биде оперативен за две години. Ќе има капацитет од пет милијарди кубни метри гас и би било многу значајно да имаме можност за снабдување. Она што е важно за трите држави, за што исто така разговаравме, е и заедничкото балансирање на електричната енергија со оглед на фактот што сите имаме капацитети кои користат обновливи извори на енергија и во план е нивно зголемување, потенцира Михајловиќ.