Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, денеска го отвори годинешниот Октоберфест, прв по двегодишна пауза предизвикана поради пандемијата на коронавирусот.
Политичарите, пред се баварскиот премиер Маркус Зедер, во пресрет на 187. Октоберфест, уверуваа дека нема зголемен ризик од ширење на Ковид-19, пренесуваат германските медиуми.
Градоначалникот на Минхен, сепак, ги повика посетителите да бидат внимателни, а луѓето со хронични заболувања да не одат на Октоберфест.
И покрај стравот од пандемија, војната во Украина, инфлацијата и релативно ниските температури од само девет степени, и ова отворање на Октоберфест помина со голема гужва и редици пред шаторите на водечките минхенски пиварници.
И годинава традиционалната литарска кригла пиво поскапе во однос на последниот Октоберфест, па литар пиво сега чини меѓу 12,60 и 13,80 евра.
Организаторите се надеваат на рекордна посетеност на Октоберфест по паузата од две години. Во 2019 година, овој настан беше посетен од над шест милиони љубители на пиво.
Годинешниот Октоберфест ќе трае до 3 октомври, кој е неработен ден поради Денот на обединувањето на Германија.