СДСМ во денешното соопштение нагласи дека „за помалку од една година, се покажаа вистинските лица на Христијан Мицкоски и Данела Арсовска. Тендер од 136 милиони евра е причината за кавгата и за меѓусебните обвинувања за неработа, за криминал и провизии“.
И по толку порази од граѓаните, ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија се води од бизнис интересите, а не од интересите на граѓаните. Ниту една кавга меѓу Мицкоски и Арсовска нема да го смени фактот што таа беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти владејачката партија.
Според нив, „токму Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа кандидатурата на Арсовска, ѝ ги собраа потребните потписи и заедно ја бараа довербата. Мицкоски дури се нудеше тој во име на Арсовска да ги набавел фамозните 100 електрични автобуси. Можеби кавгата меѓу нив двајца започнала токму од овој неуспешен проект“.
По мега криминалниот проект Скопје 2014, главниот град се соочува со нова катастрофа наречена Скопје 2024. Но СДСМ заедно со граѓаните тоа нема да го дозволи, се додава во соопштението.
СДСМ нагласи дека „Советот на Град Скопје продолжува да функционира како опозиција, како гласен коректив на работата на градоначалникот и градската администрација. Продолжува да ги застапува интересите на граѓаните и да предлага решенија и да се бори за нивните потреби и барања“.