Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт што годинава се одржува на темата „Во постојан отпор“ продолжува со вториот дел од својата програма.
Првиот настан во агендата е перформансот „Обука за реанимација“ што ќе се одржи во среда (21 септември) со почеток во 18:00 часот во Музејот на современа уметност –
Скопје.
Автори на перформансот се Феликс Фалчик и Јохана Хершел („Deepfake Situations“) од Германија, а дел од него ќе бидат и десет луѓе од Скопје кои претходно се пријавиле на јавниот повик.
Перформансот ќе биде повторно изведен во петок, (23 септември) во МСУ, со почеток во 18:00 часот. По изведбата ќе се одржи и разговор со авторите.
„Злоупотребувајќи ја ситуацијата на вообичаен курс за прва помош, изведбата симулира здружување на група луѓе како итен случај. Учесниците се водат низ различни вежби во кои на радикален начин се практикува односот на поединецот и колективот. Помеѓу напнатоста и опуштањето, несвесноста и проширувањето на свеста, одучувањето од позната ситуација станува политичка мерка изведена со уметнички средства“, се вели во најавата за перформансот.
Во рамки на вториот дел од програмата на КРИК ќе се одржи разговор со Сезгин Бојник, промоција на книга на Артан Садику, изложба и разговор со Шејла Камериќ, во соработка со Тииит!Инк и промоција на книга на Александер Гарсија Дутман.
„Културните и уметничките практики, втемелени длабоко во едновремениот отпор и во создавањето на алтернативни општествени, политички текстови и јазици, директно ја проникнуваат, анализираат, аргументираат и толкуваат застрашувачката слика која денес ја живееме – еколошката смрт, ресурсната неодговорност, човековото унижување, био- политичките ентрописки слики – обидувајќи се да се обликуваат себеси како политички субјект кој може да интервенира во понатамошните текови и промени поврзани со општественото тело“, велат организаторите на фестивалот.