Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Нашата алт-десница на Мицкоски и нашата алт-левица на Апасиев вљубени се во Путин. Тие се тука додека не падне владата на Ковачевски, а потоа ќе ја возобноват старата руска љубов со Путин, откако „клетите западни социјалдемократи“ ќе ги снема од лицето на земјата.
Русите ќе дојдат тука за да купуваат станови и куќи по цени пет пати поголеми од „реалните“, за почеток, така ќе ја започнат својата љубов. Потоа ќе се продава „таткојна“, „дедојна“ и „мајкојна“, а може да им шитнат и државно, она кое во син коверт ќе се „тутне“ во вистинскиот џеб, „таму кајшто треба“. Ќе се продаваат семејни куќи, градови, планини и езера. Ќе се купуваат станови по Скопје, Битола, Охрид и Струга. Ќе дојде некој млад газда и ќе ги купи сите станови во комплексот од згради на самото охридско крајбрежје, потоа сите ќе ги чести во кафулето на најдолниот спрат, а „на малиот ќе му даде за чоколадо и мотор“. Ќе се купуваат џипови, од најголемите. Оние кои трошат месечно резервоар колку што трошат две мали деца дома. Ќе се купуваат глисери, јахти и ќе се продолжи во изградба на „ексклузивни стамбени објекти“.
Нашиот човек кога нема пари се држи отмено и гордо, како емигриран руски аристократ. А кога има пари, не може од него да се живее. Тој кога плаќа, го прави тоа гласно, сите да слушнат. Оти тој не купува затоа што тоа му треба, туку од мака да цркнат душманите. Да има, а тоа другите да не го знаат – тогаш тој ќе цркне од мака.
Одеднаш, една мала и сирота земја ќе се најде во неверојатен луксуз. Скопје и Охрид ќе го достигнат стандардот и луксузот на Женева. Или како што гласи песната на „Забрането пушење“ во вториот рефрен: „Jede se kavijar, pije se dzin, ima se para, ima se s’ cim, ponekad trava, nikad heroin, jer ja sam guzonjin sin“.
Русите ќе доаѓаат и истураат пари, а македонците ќе продаваат и безглаво ќе трошат пари.
Во јавните реторики кои денес ги испуштаат на медиуми, тоа „кучињата со мас не го јадат“; нивните визии и погледи за животот во оваа земја е очаен, беден и клеветнички. А што денес остана од љубовта за Русија: една шака сталинисти, откачени македонисти и православно задоена младина која носи „изгравирана“ маичка со сликата од Путин и се пали на идејата за Царска Русија; во таквиот меур се наоѓаат и русофилите како Апасиев и Мицкоски за да шират „антиглобализам“, „чегеваријанизам“ и „неутралност“ под Руска (или Унгарска) команда…
Иделното референдумско прашање за Мицкоски и Апасиев би било: „јас сакате ли повеќе Русија или ЕУ и САД“. Немам сомнеж дека двајца би се потепале кој попрв би гласал. Ама повторно ви велам: Мицкоски и Апасиев во суштина никого не сакаат, себе најмалку. Освен тоа, со резерва треба да се земе нивната љубов: лесно се вљубуваат и уште полесно се одљубуваат. Посебно во себе. Осумдесети беа југословени, потоа беа македонци, во новиот милениом „мирисаат на Руси“, утре којзнае што ќе бидат… Во суштина не можеш да го знаеш нивниот идентитет додека не се објави во Службен весник.
До вчера Груевски им беше сè, а денес двајцата велат, едниот тајно, а другиот со половина уста: „ние не сме против ЕУ, ама добро би било да најдеме друга алтернатива“.
Сè што сакате да знаете за овие двајца комични ликови, можете да најдете во еден виц за кој, сега ќе ви го раскажам.
Се случува фудбалска утакмица помеѓу репрезентацијата на Македонија и репрезентацијата на Европска Унија на градскиот стадион во Скопје. Во замрзнат кадар го гледаме голманот на репрезентацијата на Европската Унија како лежи на трева, откако некој од публика го погодил со бакља во главата. На дното на кадарот гледаме телоп на Македонската Радио и Телевизија. Веста е од центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ: „Република Македонија е спремна за Брикс“.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.