Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Во знак на протест поради аншлусот на дел од територијата на Украина, Македонија ја исфрлa буквата “р” од азбуката и сега дури и путинофилите мораат да викаат „Лускиот Лајх отиде у Кулац“.
Што е логично.
И научно потврдено.
Уште од Ајнштајн.
Сè што неограничено се шири престанува да се препознава себе си.
Се отуѓува од себе.
Го губи својот идентитет, би рекле престрашените Македонци.
Или ќе пукне како балон или ќе го надмине хоризонтот на познатиот космос, ќе си стане невидлив и тајновит и потенцијално опасен на себе.
Наместо нато, може самиот на себе да си да се доближи до границите и да се нападне со идеја да се уништи.
Ако вака продолжи да оди на Запад, Путин може да ја освои Москва од Исток.
Да влезе во Арбат како Наполеон.
Хахаха!
Овие во Кремљ се однесуваат како тревопасни и месојадни диносауруси кои заборавиле да изумрат во времето на Креда или малку потоа.
Бидејќи велат дека крокодилите се некоја форма на преживеани диносауруси, овие од Москва мора да се некој вид сувоземни алигатори.
Не се луѓе во современа смисла на зборот, ниту пак модерни политички битија. Тие живеат во паралелен универзум.
Како викаше една досетка, на иста планета, но во различни вселени.
Тоа се суштества што ги дефинира територијата, но не како кај другите територијални видови кои територијата ја третираат како ресурс за храна и размножување, туку за слава. Од Петар, преку Катерина и кутузовските освојувања, тоа е така. Ова што се обидуваат да го направат во Украина, е битка за територии, но само како уписнина на сегашниот лидер во списокот на владетелите кои ја прошириле Русија.
Тоа е клучниот критериум.
Не јагленот во Донбас.
Оваа фарса е сатисфакција за лудиот крал.
Нема никаква друга функција.
И смисла.
Освен контра.
Сè е спротивно на смислата, дури и кога се во прашање руските интереси. Како и интересите на светот. За 0.095 проценти зголемување на површината на Русија, толку се овие 90.000 квадратни километри украинска земја, успеа да ги испрекине каналите на снабдувањето, енергетската меѓузависност, прехранбената меѓузависност, ја растресе Европа, Африка, Америка, Кина, Австралија, Јапонија… И Русија, се разбира, ги растресе оние 99,99 отсто од територијата што веќе ја имаше. И Русите кои се разбегаа како кутриња за време на грмежи. Го прекина фантастичниот низ од 15 години непрекинат растеж. И светското факторизирање на Русија на највисоко ниво. Тоа што сега се обидува да го постигне е уривање на тоа што веќе го имаше постигнато. Ако воопшто има нов светски поредок, Русија во него ќе биде на најдолното скалило.
Како што Вучиќ им вика на Србите немојте да одите во Ровињ, ене ви го Бор и Мајданпек, прекрасни места, плус српски, така и Путин ги избрка Русите од Куршевел и Сент Тропе и сега ги праќа на Азовското море и на Камчатка, многу било убаво таму.
Башка што војната трае.
Со големи изгледи тие 0.095 да се сведат на 0.0095 проценти минус.
Да не ги сметаме жртвите.
Макар што нив би требало да ги ставиме на прво место.
Но, царот ги става на последно.
И оној лудак од патријарх кој ниту Господ не можеше да го издржи па му пушти една корона плус.
Русија е фарма за производство на Руси.
Не држава во современа смисла.
Макар што и современите се пред исцрпување.
Тоа е кирилопутинистичката филозофија на животот.
Луѓето го освестуваат тој момент и бегаат од кланицата, тие го разбираат свинскиот статус кој им е одреден во кремлинските лаборатории.
Во слава на царот.
Светот е парализиран од сериозноста која е смешна.
Стравот од атомската бомба не ја намалува шансата да биде употребена или злоупотребена во најневеројатни цели, туку ја зголемува.
Шнауцерот може да рече: ќе му фрлиме атомска бомба на секој западњак кој ќе се осмели да ебе некоја Русинка!
Во гаќите.
А за секој случај, со земја ќе го срамниме целиот хотел.
Море и градот и целата држава.
Тоа што беше најголемата предност на руската одбрана од западните напади, може да се претвори во најголема предност на западот: времето што ќе му се остави на царството да умре и стимулациите што ќе му се испратат во форма на изолација и игноранција.
Со обилна помош на Украина која, како што гледаме, може да го поврати Херсон и тоа на триумфален начин. На начин на кој нацистите паднаа кај Сталинград.
Како и Лиман во Донецк.
Ниту Крим не му е сигурен на Путинчо.
Освен ако не падне некој непринципиелен договор.
Не знам дали тоталитарниот режим во Москва е класична идеолошка формација.
Односно дали во самата себе Русија носи еден вид на конститутивна наивност, погрешно разбирање на сопствените претпоставки, на сопствените услови, дистанците, разложувањето помеѓу општествената реалност, искривено претставување и погрешната свест за неа. И дали илузијата ја сместува во полето на сознанието, а не во стварноста. Или, треба да се види (франкфуртска школа) дека реалноста не може да се репродуцира самата себе без таканаречената идеолошка мистификација, и дека изобличувањето е впишано во самата суштина на стварноста. Односно дали почива и форсира лажна слика за стварноста или лажната слика за стварноста е претворена во иманентен дел од стварноста и според тоа повеќе не е лажна, туку е функционална, реална и битна за репродукцијата на системот.
Циничниот ум, смета Слотердејк, е мошне свесен за дистанцата меѓу идеолошката маска и општествената стварност, меѓутоа и покрај тоа инсистира на маската. При што, главните фраери знаат за маската на идеологијата, тие ја знаат лагата, знаат се за лагата, но одбиваат да ја симнат маската затоа што добро функционираат со неа.
За внатрешните релации добар е рецептот на Слотердејк кој се вика кинизам.
Кинизмот претставува одбивање на официјалната култура со помош на иронија и сарказам. Класичната постапка е во тоа да ги споредиме патетичните фрази на официјалната, владејачка идеологија- нејзиниот свечен тоналитет со секојдневната баналност, па тие двете потоа да ги карикираме така што со возвишената благородност на идеолошките фрази ќе им укажеме на егоистичниот интерес, насилството, бруталното извршување на власт (Жижек).
Ова е многу важно за разбивањето на единствената тоталитарна идеологија кај нас, таа на вмро.
Мораме да пресанеме да ги третираме сериозно, туку да ги подложиме на масажата на нашиот дух, заебанции, сарказам и иронии.
Но за релациите на Светот со Русија, не треба да се претерува со заебанциите затоа што добрата заебанција не е таа што најдалеку дофрла туку таа што паѓа на целта.
Треба да се чека декретот на Путин со кој секој Русин мора да купи и да прими во себе гас толку колку што собира една тракторска гума.
Како израз на патриотизмот и верноста кон Русија.
И да се пуштат нацијата и империјата да одлетаат во небото.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.