Ивон Величковски, лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија, беше гостин во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов. Тој во разговорот се осврна на неколку актуелни теми и повтори дел од ставовите што неодамна ги изнесе и во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.
„Во Македонија доаѓа време во кое политичарите ќе преземаат одговорност. На почетокот на 20-ти век националното определување на Македонците беше поддржано од Америка, исто како што беше поддржано и националното определување на Албанците. Македонија во 1991 беше изненадена од сопствената независност“ – изјави, меѓу другото, Величковски во разговорот со Васко Ефтов.
Според Величковски, лидерство значи да се кажуваат работите какви што се, односно да се кажуваат непопуларните работи.
„Во Македонија, со членството во НАТО се случуваат крупни процеси во вистински правец кои системот веќе не може да ги контролира. Процесите го декомпонираат системот. Во последниве пет години многу работи во МК почнаа да си доаѓаат на свое место. Многу работи кои беа фингирани полека се разголуваат. Со членството во НАТО во многу процеси не е важно веќе само што се зборува, туку и што се прави“ – изјави Величковски.
Според Величковски, власта во Македонија се менува.
„Постсоветското владеење во Македонија е завршена работа. Македонија сега гради нов систем на управување. Систем кој ги следи важните процеси кои ја носат земјата напред“ – констатира Величковски.
Што се однесува до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ставот на Величковски е јасен.
„Во ВМРО-ДПМНЕ нема кој не е во комуникација со Груевски“ – рече Величковски.
Д. Е.