Заврши протестот против отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, организиран од политичката партија Левица, а поддржан од ВМРО – ДПМНЕ. Поддржувачите на Цар Борис Трети, ги собраа знамињата и го напуштија клубот од задниот излез на објектот.
Револтирани граѓани со знамиња и пароли излегоа пред Амамот, место каде е лоциран Клубот извикувајќи „татари“, „фашисти“, „нацити“, „бугарофили“…, го изразија незадоволството против, според дел од нив, неговиот назив. Незадоволтвото го изразија со фрлање камења и јајца кон просториите во кои е сместен клубот.
Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чуствува, но името е провокативно – и цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провокативни, велат насобраните граѓани.
Во еден момент состојбата ескалираше, кога дел од групата демонстранти се обиде да го пробие полицискиот кордон, но полициските службеници успеаја да спречат инцидент.
Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски рече дека здружението е отворено пред една година со сите документи, со цела почит кон државата, институциите и законите, нагласувајќи дека се запазени сите закони.
Ние сме почитувачи и само го избравме ликот на Цар Борис Трети, како еден бугарски цар. Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо. Ние си живееме во Охрид, во Македонија. Не сме имале проблем со луѓето. Не сме провоцирале некој. Како што кажав, се се исполитизира и тоа е, изјави Блажевски по отворањето на клубот.
Протестот против отворањето, тој вели дека е граѓанско право и оти не можат да запрат никој.
Последнава, скоро една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Ние се оградивме дека немаме никаква соработка или некои неонацистички или фашистички движења. Доколку имаме нас нека не судат. Меѓутоа, ние таква работа не сме направиле. Нашето е, како што кажав, само почитувачи и само го избравме ликот на цар Борис како еден бугарски цар и тоа беше се, изјави Блажевски.
На протестот во Охрид се приклучија и членови на охридскиот општински Совет од редовите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што најави од Охрид пратеничката Рашела Мизрахи денеска ќе поднесе закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации со што, како што рече, не само што ќе се спречи идно формирање на вакви квази културни клубови, туку и ќе може да се реагира за веќе постојните.
Од Министерството за правда известија дека веќе е формирана работна група за изготвување на нов Закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение. Како што информираат од Министерството за правда, се работи на подготовка на Законот, а најдоцна до крајот на октомври ќе биде објавен на ЕНЕР каде сите заинтересирани лица ќе можат да дадат свои мислења, забелешки и сугестии.
Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ, на прес-конференција во Собранието, истакна дека СДСМ осудува провокации од каков било вид, и дека не поддржува отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот Рајх
Министерството за правда веќе работи на нов закон за здруженија и фондации, за кој пратениците од СДСМ повикуваат да се разгледа преку широка јавна дебата и да се дојде до најдоброто решение преку инклузивен процес. Законот ќе биде во интерес на заштита на македонскиот идентитет, јазик и култура во иднина. Сите треба да се стремат на соработка, меѓусебно почитување и практикување на европските вредности. Не поддржуваме отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот Рајх, истакна Коциќ.
СДСМ осудува провокации од каков било вид. Оваа земја почива на херојството на нашите предци и делата на македонската антифашистичка борба. За нас, значењето на антифашистичката борба е исклучителна, државничка и безвременска. Затоа, наша обврска е институционално да најдеме решение да ги затвориме овие прашања кои свесни сме дека иритираат, но уверени сме дека се спорадични и предизвикани од нечиј трет интерес. Бидејќи постојат поединци и партии кои сакаат нашите две држави да останат во вечен конфликт, кои нема да донесат ништо добро. Факт е дека нашите закони во овој дел имаат одредени недоречености за што се потребни законски промени, рече Коциќ.
Пратеникот нагласи дека СДСМ секогаш била на вистинската страна на историјата, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов, сојузникот и извршител на Третиот Рајх, го велича неговиот лик и дело. Оттука, ВМРО-ДПМНЕ прво треба да си го промени својот партиски статут, да си расчисти во самата партија за се, па потоа да поднесува закони. Лицемерно, безобразно и дрско е ВМРО-ДПМНЕ, партијата која идеолошки е поклоник на луѓето кои биле извршители на Третиот Рајх, да ја обвинува СДСМ, партија која е единствен наследник и поддржувач на вредностите на народноослободителната борба во државата, потенцира Коциќ.
Според него, СДСМ ја покажува вистинската заштита и одбрана на македонскиот идентитет, јазик и посебност секој ден, во Брисел, Вашингтон и во целиот свет.
Ние не поддржуваме провокации од која било страна, дали доаѓаат од надвор или внатре. Инаку, Министерството за правда веќе неколку месеци најавува предложување ваков закон. Затоа велиме дека е добро инклузивно да работиме и заеднички со пратениците се вклучат во донесување на ваков закон, рече Коциќ.
Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.
По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.
J. Ѓ.