Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Го слушав последното обраќање на поранешниот бугарски премиер, Иван Костов, и морам да кажам дека најмалку четири работи во неговата политичка тестаменталност, ми оставија убав впечаток: Разочараноста од тоа што неговата генерација и тој не успеале да остават во наследство консолидирана демократија, второ, разочараност од тоа што членството во Европската унија не било и не е следено со вредносен сет кој од Бугарија и од бугарското општество требаше да направат вистински член на европскиот клуб, трето, ставот дека сериозното занимавање со политиката бара формулација на високи цели кои се над дневните реакции и интереси на луѓето, над општествениот мејнстрим, над определбите на мнозинство кое е против промени и реформи и, на крајот, верувањето дека политиката многу често не е избор меѓу доброто и злото, туку меѓу поголемото и помалото зло. Да, и старогрчката класика: ништо не е вечно, промените се случуваат и самите од себе, тие се во дефиницијата на феномените, општествата се живи организми, треба да се оди во пресрет на промените, да се насочуваат и вообличуваат, а не да се спречуваат, животот ги менува тие што се обидуваат да ги спречат апсолутизирајќи ја сопствената формација и себеси во неа.
Си земав мала слобода во изразите и формулациите, но верувам дека од едно слушање во емисијата „Панорама“ на БНТ, добро сум го фатил господинот Костов.
Ако не, ќе го замолам за прошка.
Моите намери се чесни.
Го земав и како шлагворт на темата за Македонија.
Прво, не сум сретнал таква самокритичка политичка ретроспекција во Македонија.
Ниту генерално, ниту лично.
Обратно, авторите, режисерите и корисниците на македонската драма, како што се Црвенковски и Георгиевски (и многу други, се разбира) и денеска ги нудат своите рецепти левтерно, како Карапанџа својата тајна за кукурек во сафт од тартуфи.
Во исфабрикуваните перцепции на голем дел од јавноста, проблемите на Македонија почнаа од тие што почнаа да ги решаваат.
Од Заев и Ковачевски.
Кои се обидоа да му ги извадат босите нозе на Македонецот од историскиот бетон кој беше почнал да се стврднува.
Македонците обожаваат да ѝ се препуштаат на дуплата доза апотеоза на националниот мазохизам, како, своевремено, јас на Џекот од Тенеси, прво, со тоа што ги отфрлаат задоволствата што ги дава разбирањето на светот (тоа им го понуди Заев и тоа им го нуди сега Ковачевски) и, второ, така што ја отфрлаат насладата на лекарот што се радува поради својата дијагноза, сакаат да си задаваат само болка, жедни се за трагедија, и, конечно, не знаат да бидат големи, длабоки и вистинити поинаку освен трагично (Ками/Гомбрович).
Значи, не само што во голем број не го сакаат спасот, туку ја обожаваат трагедијата, дури и кога е во фарсична форма во каква им се јави за време на антиевропските демонстрации против некаква асимилација или завчера во јајчарскиот јуриш на вморонските чети врз вморонските царисти во Охрид.
Зошто луѓето одбиваат да го видат тоа?
Затоа што во реалниот поглед им се урива трагичноста и, второ, затоа што повеќе би издржале да одат во погрешен правец милион километри, отколку да признаат дека тргнале кон бездната.
Да се вратиме на тезите на Костов.
Шансите да победи опцијата која оди со формулација на високи цели во политиката и се обидува да ѕирка зад плиткиот хоризонт на широките народни маси, која жртвува некои пиони за да стигне до кралот и кралицата на проблемите во историската партија шах, не се многу големи затоа што не се мали ниту силите на популизмот, на лигавењето со народот, на секојдневното плачливо дисквалификување на сѐ што за подобар живот ја зема претпоставката за одредени жртви, напори, ризици, но, мислам дека во последно време тој однос се менува и шансите на разумот, на модерноста, на историските, а не дневните калкулации, се сѐ поголеми.
Конечно, и ние како и Бугарија, јуриме кон Европската унија заборавајќи го сетот на вредности што треба да го споделиме.
Во тој поглед ние сме ист народ со Бугарите: европски позери.
Во малата фамијализирана средина сите сме интегрирани во корупциски мрежи. Корупцијата е прашање на нашиот идентитет. Сите се знаеме. Роднини сме или пријатели, се знаеме од кафеана, од комшии, од војска, сите некаде одиме преку ред, плаќаме помалку, даваме или примаме услуга, носиме бут од дива свиња за операција на слепото црево итн.
За големата корупција да не правиме муабет.
Право бараме само кога не сме ние или некој наш обвинети. Ќе гласаме за вмро затоа што овчарот ќе ни го направи ректор на уким. Или главен уредник кој ќе спроведува политики со помош на вибрирачки анални топчиња преку кои од партиската централа ќе му го кажуваат редоследот и интензитетот на вестите.
Луѓето кои секојдневно ја разоруваат државата и ја шират атмосферата на пропаднатоста и немоќта бараат од истата таа држава да биде цврста и решителна.
Луѓето ја немаат меморијата на лошото.
Тоа што тие мислат дека е лошо, е бинго.
Тој критериум е битен за канализација на општествената енергија во продуктивни цели.
Не знам како тоа отсуство ќе се надокнади.
Можеби руската агресија и украинскиот отпор можат да ја играат улогата на стравот и шокот кој во општата распекмезеност, очигледно ни фалат.
И враќање на елементарното достоинство.
Кога вмро протестира против последниот бугарски цар тоа е исто како Борче да станал од гробот и да се тепа со самиот себе против бугаризацијата на Македонија!
За која ќе ги обвини сојузниците од антихитлерската коалиција.
Не е тука прашањето како е тоа можно, туку како нацијата со елементарна самосвест и култура дозволува така да ја влечат за носот и да прават од неа чудовиште на инфантилноста, флотантноста и глупоста.
Македонија нема егзистенцијални проблеми освен оваа вморонска ортома околу нозете.
И вратот.
Тие произведуваат антимакедонска стварност под етикетата на битката за македонскиот идентитет.
Не за да се борат против таа стварност, нормално, туку против оние што ќе ги проектираат како антимакедонци.
А себе како спасители.
Со единствена идеја и антимакедонската стварност и тие да успеат.
Запомнете ја мислата на мојот пријател Витолдо: Ако не престанеме да го повикуваме демонот од небиднина, наведнати над нашата бездна, тој ќе ги исполни сите ќошиња на нашиот бит.
Страшен пророк.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.