Истражувањата недвосмислено ја потврдуваат дискриминацијата при вработување на жените Ромки локално во Куманово и во државата. И во 21 век, резултати практично нема, иако на хартија „цветаат рози“.
Жените Ромки двојно се дискриминирани при вработување, покажуваат податоците на граѓанските здруженија. Првичната дискриминација почнува во семејствата каде сè уште има остра поделба на улогите помеѓу мажите и жените. Дискриминацијата продолжува и во општеството, бидејќи жените Ромки влегуваат во првите три места по најмалку вработени во државата.
Ромка си, можеш само да чистиш!
Две млади жени сведочат за нивната засега, безуспешна, десетгодишна борба за работно место како продавачки во трговски објекти. Кумановките раскажуваат дека штом ќе влезат на интервју за работа, задолжените за избор ги одмеруваат каква облека носат и како изгледаат. Често велат сведочеле на наизменични погледи со омаловажување. Никогаш никој не им кажал дека не ги вработува затоа што се Ромки, туку дека во моментов е пополнето работното место.
Дваесет и петгодишната кумановка Рубија Агуши има слично искуство. Таа вели дека често се чувствувала дискриминирано, бидејќи е одбивана да најде работа поради етничката припадност, пред сè вели, заради бојата на кожата. Тврди дека го забележала, тој крајно дискриминаторски поглед.
– Знам дека ме одбиваат дека сум Ромка, никој не може да ми докаже спротивно, вели Агуши.
Таа вели дека често конкурирала со познаници од други етнички заедници и оти обично на места продавачки се вработувале Македонки, Албанки, речиси никогаш Ромка.
Пред две години вели, за чудо, првпат ја примиле како продавачка во месарница, и работела одреден период. Сега повторно е без работа, бидејќи при повреда за време на боледувањето ја замениле со друга работничка. Во моментов повторно бара работа, но ќе се доедуцира за работа со деца што и е дамнешна желба.
Три години постарата Неврија Иљазова во моментов бара работа каде било. Често е одбивана заради различни причини, најчесто поради недоволно искуство, никогаш директно бидејќи е Ромка, но потенцира, знае дека токму заради нејзината етничка припадност не котира добро меѓу работодавците. Изминативе десет години упорно барала работа во приватниот сектор.
– Сега од февруари барам интензивно, но бидејќи сум Ромка ме одбиваат секаде каде ќе аплицирам. Од приватни причини моите родители не ме запишаа во средно образование, останав само со основно, но сега разгледувам можности сама да продолжам со образованието и да земам диплома од средно. Пред 14 години завршив со основното образование, барав работа во приватниот сектор, ама за жал никаде не најдов, вели Иљазова.
Дискриминацијата тешко се докажува – нема пријави во КСЗД и Народниот правобранител
Ниту една од нив, иако размислувале не ги пријавиле случаите за дискриминација ниту во Комисијата за спречување и заштита на дискриминација, ниту кај Народниот правобранител, бидејќи сметаат дека тешко се докажува дискриминација при вработување. И во одговорот на Комисијата во официјалниот допис за првата половина од годинава нема ниту едно доставено барање од жени Ромки при вработување. Сепак, поразително е што само неколку жени воопшто од сите националности пријавиле дискриминација при вработување.
Ова го вели Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и нагласува дека е важно да се докаже оти другата страна работодавецот направил дискриминација и дека за тоа е потребно само да се има основан сомнеж кај дискриминираната личност.
– Откако подносителот на претставката ќе даде сомнеж, тоа значи не треба да докажува дека бил дискриминиран, едноставно да стои дека бил дискриминиран, комисијата го префрла товарот на докажување на спротивната страна и во тој момент спротивната страна треба да докаже дека не дискриминирала. Во конкретниот случај тоа би значело, жените Ромки аплицирале да се вработат и биле дискриминирани во процесот на селекција или при вработување и не се префрла товарот на докажување на жената, туку на работодавецот кој треба да докаже дека не дискриминирал, појаснува Јадровски.
Извршниот директор на „Ромалитико“, Елвис Шаќири вели дека дискриминацијата при вработување Роми е присутна во државата и се манифестира на повеќе начини. Во минатото, Роми се вработуваа во комунални претпријатија, текстилна индустрија и во сервиси за чистење. Поради немање доволна работна сила на пазарот, денес може да се видат Ромки вработени и како продавачки, на каси.
Според истражувањето на јавното мислење што го спроведува традиционално Советот за регионална соработка изразено во публикацијата Балкански барометарза 2022 година, 18 проценти од населението во Република Северна Македонија не би сакале да работат со Роми, а 29 отсто од населението не би сакале да работат за работодавец Ром. Дваесет и три проценти од населението не би сакале да купат производ од Ром, додека 38 насто не би сакале да издадат стан/ куќа на Роми. Од аспект на работодавци, 14 проценти од нив не би вработиле Ром во нивните компании под претпоставка истиот да има образование и компетенции кои ги бараат работодавците. Исто така, 14 проценти одговориле дека ако вработат Роми во нивната компанија негативно ќе се одрази врз нивните приходи.
Од овие истражувања, може да се заклучи дека сè уште постојат негативни ставови на генералната популација кои се одразуваат врз практиките на вработување, унапредување и промоција во вработување, изјави Шаќири.
Граѓанските организации сведочат за дискриминација на жената Ромка при вработување. Дел од нив дошле и се пожалиле во Националниот ромски центар во Куманово, раскажувајќи им дека биле дискриминирани при вработување.
– Ромските жени не се пожелни да работат од причина што се Ромки и покрај образованието и работните способности и квалитети. На овие простори постои стереотипот дека Ромките сè за потешки работи и само за чистење. Сега премолчуваат, но не така одамна, работодавците им кажуваа на жените „ти си Ромка и можеш да украдеш нешто, изјави извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски.
Тој стравува дека жените ќе си заминат како работна сила во западно-европските држави и не само поради дискриминацијата, туку и поради ниските плати. Елезовски вели дека има безброј случаи на жени Ромки кои овде не нашле работа, а сега се вреднувани како добри работнички, а и медицински сестри во Германија, Австрија и останатите западно-европски држави.
Ниту една жена Ромка, годинава не поднела претставка дека е дискриминирана кај Народниот правобранител. Но, тоа не значи дека институцијата нема сознанија за оваа појава, туку едноставно нема механизам за да реагира, бидејќи претставките би се однесувале за приватниот сектор, каде што институцијата нема ингеренции.
– Ние како Правобранител, директно немаме ингеренции да дејствуваме во приватните-правни субјекти. Сепак, можеме индиректно преку други државни институции да провериме дали лицата кои конкурирале и исполнуваат услови за одредено работно место не се примени, само затоа што се Роми, а на нивни места примени се други кандидати од други етнички заедници, вели Васка Бајрамовска-Мустафа – заменик на Народниот правобранител.
Постпандемиски – влошена состојбата со вработувањето на Ромките
Невладините организации велат дека загрижува податокот што голем број Роми ја изгубиле работата после пандемијата, зголемен е бројот на баратели на гарантирана минимална помош, меѓу нив и на жени Ромки. Оние кои веќе се вработени ги губат работните места, а има и помал број работни места поради целокупната криза во државата и светот.
Работнички Ромки во текстилната индустрија од Кочани и Штип, во пикот на пандемијата пријавиле во „Ромалитико“ дека работодавците ги плаќале само половина работно време, иако работеле полно работно време. Жените не пријавиле во институциите, бидејќи стравувале од откази.
И според официјалните податоци на АВРСМ, високи се бројките на невработени Роми и жени од ромска етничка заедница. Во првата половина од годината вкупно невработени Роми биле 11.923 од нив скоро половина 6.101 биле жени. Според степенот на образование без и со основно образование биле 11.015 од кои 5.737 жени. Како баратели на работа во првата половина од годината со незавршено средно образование биле 336 лица од кои 86 Ромки. Петстотини триесет и осум лица Роми со завршено средно образование барале работа од нив, 258 жени. Од тројцата евидентирани Роми, кои барале работа со вишо образование две биле жени, од 30 со високо образование, повеќе од половина, односно 17 биле жени. Работа во првата половина од годината барала и една жена магистер.
Ништо поразлична не е состојбата со Куманово како најголема општина во државата, информираа од Центарот за вработување во Куманово. Една жена со високо образование сè уште бара работа, 13 со средно, четири со непотполно завршено средно, 427 со основно.
Во општина Куманово од речиси 200 вработени има само две вработени жени Ромки, едната е со високо образование со звање советник и едната е со средно образование, вработена како помошно-технички персонал.
Двете млади девојки Агуши и Иљазова од Куманово кажуваат дека работодавците за аплицираните позиции никогаш не им барале завршено образование.
– Секогаш прашуваат дали имаме искуство. Веројатно тоа им е поважно, вели Агуши. Таа раскажа дека на такви позиции, продавачки биле вработувани жени Македонки со основно образование.
Ова го потврдува адвокатот од здружението „Млади правници“, Маја Атанасова која вели дека немаат официјална претставка од жените, но дека имаат сознанија за дискриминација при вработување на жените Ромки.
– Не замижуваме пред фактот дека жената Ромка е далеку постигматизирана од останатите жени исклучиво поради етничката припадност и стереотипите кои се припишуваат на тој етникум. Сметаме дека веќе е време да се надмине позицијата на мотивациски говорник и само да се зборува за тоа дека не треба да има дискриминација, туку да се преземат конкретни мерки за да се надмине фактичката состојба која ги става овие жени неколку чекори зад другите. А тоа може да се направи исклучиво со мерки кои ќе им овозможат да бидат слободни од товарот на чување деца и немоќни одреден период во денот, да се посветат на учење и усовршување занает, да можат да бидат вклучени на пазарот на трудот како корисна работна сила и директно и самите да придонесуваат кон својата егзистенција и кон зајакнување на општеството во кое сите живееме, вели Атанасова.
Дискриминацијата почнува во семејството
Неретки се и случаите во кои дискриминацијата на жената Ромка почнува во семејството. Улогите сè уште се традиционално поделени, мажот е тој што треба да се грижи за семејството, жената е таа која треба да готви, пере, да се грижи за децата и постарите членови во семејствата. Тешко се менуваат одредени навики, но и невладините и образованието потврдуваат дека сè поголем број девојчиња завршуваат средно, дел и високо образование. Поретко се случуваат малолетнички бракови кои сè уште се традиција во некои заедници на Балканот.
– Дискриминацијата на жената Ромка започнува во семејството девојчињата не ги запишуваат на училиште, а оние кои се запишани ги отпишуваат, а има и случаи на малолетнички бракови и азил во западноевропските држави. Треба да се работи повеќе со родителите бидејќи се започнува од дома, а се рефлектира во образованието на децата. Проектот за вклучување на деца Роми во нашето училиште има видливи резултати. Имаме ученички кои завршија и средно училиште и факултет, вели Лидија Костиќ, наставничка со 26 години работно искуство во ОУ „Христијан Карпош“.
Таа е особено горда на нејзини ученички кои сега се успешни жени со завршен факултет и на пат да изградат добра кариера.
И Шаќири нагласува дека има намалување во однос на внатрешната дискриминација во делот на вработување, но појаснува дека според него тоа се должи на ценовниот притисок и дополнителниот приход што може да се обезбеди за семејството. Во услови на економска криза, секој дополнителен приход во семејството е добредојден, со цел, да се осигури благосостојба во домаќинството.
– Особено треба да се истакне придонесот на жената Ромка како столб на семејството, коешто подразбира повеќе улоги внатре во семејството и економска независност и придонес во обезбедувањето на економска сигурност, вели Шаќири.
Бавен е процесот на унапредување на положбата на жената Ромка
Препораките на Комисијата и на Народниот правобранител се дека мора системско делување на институциите за да се надмине дискриминацијата на жената Ромка. Сите институции на системот треба да бидат вклучени во процесот на превенција и заштита при дискриминација, да се научат граѓаните дека имаат различни механизми за заштита од дискриминација. Од Комисијата ги повикаа жените да пријават без да се грижат дека некој ќе ги дознае нивните лични податоци кои не излегуваат од комисијата. Жените можат да поднесат и електронска пријава на страната на Комисијата има образец за поднесување на претставки. Оние кои не се вешти можат да побараат помош од пријатели. Комисијата најави и отворени денови со граѓани за да ги информира за поднесувањето на претставки, кои ќе стартуваат од септември годинава. Од Народниот правобранител ги повикаа жените да пријават, особено ако станува збор за државните институции, но и да пријават и доколку како дискриминатор се јавуваат и приватни субјекти. Народниот правобранител, иако нема ингеренции на овој сектор ќе ги упати жените до соодветните органи кои можат да го испитаат случајот.
Од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија велат дека во оперативниот план посебно внимание посветуваат на вработување на жената Ромка, која им е наведена како целна група во субвенционирањето на плати, гаранција за млади. АВРСМ соработува со граѓански организации кои работат во сферата на вработувањето на Ромите, преку размена на податоци, активности за информирање на невработени лица, учество во заеднички проекти, настани, соработка на подготовка на информации и извештаи.
– Невработените Ромки редовно се вклучуваат и во услугите за вработување кои се реализираат како редовна активност на АВРСМ. Активностите со невработените лица меѓу кои и невработените Ромки, се насочени кон услугите кои се спроведуваат со индивидуален приод преку информирање, советување, мотивирање и други активности за зајакнување на капацитетите за вработување на невработените лица. Како и сите категории на невработени лица, невработените Ромки имаат пристап до сите услуги за вработување и дел од нив се вклучуваат во различни видови услуги, како и во повеќе активности во рамки на една иста услуга, велат од АВРСМ.
Меѓу обуките се помош при барање работа, мотивациски обуки „подготовка за вработување и за работа“, професионална ориентација и кариерно советување и друго.
Една од услугите е активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување која се реализира преку воспоставување на мрежа од Рома ментори и преку програми базирани на меѓународни искуства (Acceder програмата). Една од целните групи на невработени лица кон кои се насочени услугите за интензивна поддршка преку советување и мотивација за успешна интеграција на пазарот на трудот, се и корисниците на гарантирана минимална помош. Во услугата СИМ – Советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош, со психосоцијална поддршка и менторство се опфатени и невработените лица Ромки.
Но, невладините организации посочуваат дека се случува и АВРСМ да не ги повика Ромките на дообука, преквалификација или обуки, бидејќи немаат соодветно образование.
– Во однос на активните мерки за вработување при АВРСМ постои дискриминација во однос на тоа што овие мерки не се приспособливи за оваа категорија на жени поради квалификациите и степенот на образование кое се бара. Кога станува збор за интервјуата, Ромките се дискриминирани поради бојата на кожата и расата, па така Ромка којашто ги исполнува сите услови за вработување, не е примена на работното место само поради тоа што е Ромка и на нејзино место ќе биде примена жена од друга националност, вели Алмира Фасљии Муареми од Здружението-
Институциите спори и некоординирани
Стратегијата чиј координатор е МТСП, а се вклучени повеќе министерства и институции, ја потенцира важноста на суштинските политики за унапредување на ромската заедница втемелени во усвоената Стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030 година, како дел од јавните политики за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на заедницата во општеството. За поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Ромите за 2022 година се издвоени 73.372.000 денари, што е зголемување за 14.128.000 денари во споредба со буџетот за 2021 година, стои на владината објава по повод свеченоста за 8 април, Меѓународен ден на Ромите.
Во Стратегијата за спречување и борба против дискриминацијата е наведено дека тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес можат да поднесат организации, неформални групи, доколку имаат оправдан интерес за заштита на интересите на една заедница. Со новиот закон се овозможува тужениот да го преземе товарот на докажување. Во однос на образованието покрај задолжителното основно и средно образование во Стратегијата е наведено дека е предвиден ученички стандард кој им овозможува стипендии на учениците Роми како и закон за студентски стандард кој ги опфаќа студентите Роми. Преку Законот за неформално образование им се овозможува повозрасните Роми да се надоградат, да стекнат нови вештини и да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Тука е наведен и балансерот при вработување.
Меѓутоа, од „Ромалитико“ посочуваат дека онаму каде што треба да се вработат Роми се вработуваат лица од други етнички заедници, претежно, Македонци и Албанци.
– Ние во изминатиот период следевме и конкретен случај за кој беше вклучен и Народниот правобранител и за кој утврди злоупотреба на етничката припадност. Народниот правобранител достави и препораки до Владата за надминување на овој проблем меѓутоа, за жал, за овој проблем сè уште не е најдено системско решение. Во тек е подготовката на истражувањето во кој ќе се објави бројот на повици и институции каде што требало да се вработат Роми, а се вработиле лица од останати етнички заедници, најави Шаќири.
Тоа се потврдува и според новото истражување на Фондацијата „Метаморфозис“ – „Основни права-Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“ во делот за дискриминација на Роми, каде е наведен податокот дека во институциите наместо да се вработат Ром или Ромка по партиски клуч се вработува друго лице од друга заедница. Освен ова, во истражувањето се наведува и податок дека во АВРСМ на место на етничка припадност поради „ненамерна“ грешка на вработените наместо Ром/Ромка се запишуваат припадници на друга етничка заедница најчесто Албанци.
– Неодамна е направена тест-проверка при што на случајно избран примерок од 200 Роми евидентирани во базата на податоци на АВРСМ, околу 30 отсто биле запишани како не Роми, се цитира експерт од оваа област.
Според истражувањето на „Метаморфозис“ за спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите се одвојуваат еден (1) милион и 15 илјади евра и дека бројката што ја неведува Владата од 8-ми април, не можеше да се најде во Ребалансот на Буџетот што беше поднесен до Собранието кон крајот на мај.
Шаќири од „Ромалитико“ потврдува дека парите се малку.
– Со оглед на системската дискриминација со којашто се соочува ромската заедница која води до лоша економска состојба, практично невозможно е да се подобри положбата со издвоен буџет од еден милион евра. Доколку овој милион го поделиме по глава на жител Ром, доаѓаме до сума од 18 евра коишто државата ги одвојува на годишно ниво за да ја реши лошата економска состојба во којашто се наоѓа заедницата, изјави Шаќири.
Во Стратегијата, во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност е предвиден принципот на еднаков третман, еднакви можности на жените и мажите.
Во однос на вработувањето, има зголемување на регистрираната невработеност на Ромите, при што во апсолутни бројки има регистрирано најголем број на Роми како активни баратели на работа, додава Шаќири.
За влез во ЕУ, Северна Македонија треба да ја искорени дискриминацијата
Од претходните години се забележува благо подобрување на состојбата на жените Ромки во образованието и при вработувањето, но невладините организации велат дека е потребно суштинско делување, меѓусекторско дејствување на институциите кои се задолжени да ја унапредат положбата на жените Ромки во целокупната заедница, вклучувајќи го и вработувањето.
Постои општа политика на ЕУ за намалување на дискриминацијата на Ромите во ЕУ и посебен услов за државите кандидати од Западен Балкан кој вели дека намалувањето на дискриминацијата преку инклузија на Ромите во општество со видливи резултати е неопходен услов само за овие држави за нивниот влез во ЕУ.
Граѓанските организации бараат суштинска примена на стратегијата, поголема вклученост на Ромите кои најдобро ги знаат потребите на заедницата. Тие сметаат дека на овој начин ќе се унапреди положбата и на жената Ромка.
Извор: МИА