Советот на Европската унија денеска донесе одлука за потпишување договор за соработка во управувањето со границите меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Северна Македонија. Исто така, се согласи да ја испрати нацрт-одлуката за склучување на договорот до Европскиот парламент за негова согласност, инфортмираа од Советот на ЕУ.
Софија денеска дефинитивно го крена ветото, оставајќи ја формулата македонски јазик недопрена, како што е случај за сите други земји од регионот кои имаат договор со агенцијата Фронтекс. Договорот сега треба да биде одобрен од страна на Европскиот парламент.
ЕУ и Западен Балкан споделуваат заеднички миграциски предизвици и единствениот начин за нивно решавање е преку заедничка акција. Договорот со Северна Македонија, како што нагласуваат од ЕУ, е важен чекор во оваа блиска соработка. Тоа ќе му овозможи на Фронтекс да обезбеди конкретна поддршка на теренот, во корист и на Северна Македонија и на земјите од ЕУ, истакнуваат од Советот на ЕУ.
„Откако ќе стапи на сила овој договор, Фронтекс ќе може да и помогне на Северна Македонија во нејзините напори за управување со миграциските текови, спротивставување на илегалната имиграција и справување со прекуграничниот криминал. Договорот ќе овозможи да се организираат заеднички операции и да се распоредат тимови за управување со границите на Фронтекс во Северна Македонија, што е предмет на договорот на земјата“, вели Вит Ракушан, министер за внатрешни работи на Чешка.
Зајакнувањето на контролите долж границите на Северна Македонија ќе придонесе за понатамошно зајакнување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ.
Во согласност со регулативата на европската граница и крајбрежна стража, договорот вклучува и одредби за следење на усогласеноста и за заштита на основните права.
Европската комисија, Претседателството на Советот и Северна Македонија се очекува да го потпишат договорот на 20 октомври. Европскиот парламент ќе биде поканет да го обезбеди својот договор што е можно поскоро, велат од Советот.