Советот на ЕУ за внатрешни работи денеска донесе одлука за потпишување договор за соработка во управувањето со границите меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Северна Македонија, соопшти Советот на министрите на ЕУ.
ЕУ и Западен Балкан споделуваат заеднички миграциски предизвици и единствениот начин за нивно решавање е преку заедничка акција. Договорот со Северна Македонија е важен чекор за оваа блиска соработка. Тоа ќе му овозможи на Фронтекс да обезбеди конкретна поддршка на теренот, во корист и на Северна Македонија и на земјите од ЕУ, изјави чешкиот минситер за внатрешни работи, Вик Ракушан.
Откако ќе стапи на сила овој договор, Фронтекс ќе може да и помогне на Северна Македонија во нејзините напори за управување со миграциските текови, спротивставување на илегалната имиграција и справување со прекуграничниот криминал. Договорот ќе овозможи да се организираат заеднички операции и да се распоредат тимови за управување со границите на Фронтекс во Северна Македонија, што е предмет на овој договор.
Зајакнувањето на контролите долж границите на Северна Македонија ќе придонесе за понатамошно зајакнување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ, соопшто чешкото претседателство на ЕУ.
Следни чекори
Европската комисија, Претседателството на Советот и Северна Македонија се очекува да го потпишат договорот на 20 октомври. Европскиот парламент ќе биде повикан да го одобри овој договор што е можно поскоро. По консултацијата во ЕП договорот потпишан на македонски јазик и официјалните јазици на ЕУ заминува на ратификација во парлементите на земјите членки. Во Брисел нема сомнежи дека договорот ќе биде ратификуван и во бугарскиот парламент.
Првиот договор за соработка во управувањето со границите беше склучен со Албанија во 2019 година. По ова, Фронтекс ја започна првата заедничка операција на територијата на соседна земја која не е членка на ЕУ, во Албанија на 22 мај 2019 година. Потоа ЕУ вакви договори склучи со Црна Гора и Србија во мај 2020 година. Сличен договор се преговара со Босна и Херцеговина. Во Северна Македонија мисијата на Фронтекс ја извршуваше Чешка со оглед на блокадата од Бугарија поради тоа што официјално Скопје бараше договорт да биде склучен на македонски јазик на што Софија се спротистави. По надминувањето на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија оваа пречка беше отстранета.
Борјан Јовановски / НоваТВ