Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го смени директорот на Федералната канцеларија за кибер безбедност (БСИ) Арн Шонбом поради неговата наводна блискост со руските разузнавачки кругови.
Обвинувањата против Шонбом ја нарушија довербата на јавноста неопходна за извршување на функцијата шеф на најважната германска институција за кибер безбедност, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Германија.
Партиите од владејачката коалиција, Зелените и Либерално-демократската партија (ФДП) ја поддржуваат одлуката на социјалдемократскиот министер, додека опозициските демохристијани оценуваат дека таквиот потег претставува „жртвување пион“.
Медиумите шпекулираат дека одлуката на министерката Фезер е поврзана со критиките кон Шонбом поради неговото членство во здружението Кибернетичка безбедност на Германија, кое е тесно поврзано со руското разузнавање и кое сега веќе поранешниот директор на БСИ самиот го основаше пред десет години.
До неодамна како дел од ова здружение работеше и берлинската компанија „Протелион“, која е во сопственост на руска компанија за кибер безбедност предводена од поранешен член на КГБ во блиски врски со Кремљ.
Компанијата „Протелион“ неодамна беше исклучена од здружението Кибернетичка безбедност на Германија поради, како што беше објавено, „обвинувања кои не се согласно целта на ова здружение, а тоа е борбата против кибер криминалот“.






