Австралиската полиција на прес конференција извести за успешно спроведената заедничка акција на македонската и австралиската полиција, во која беше уапсен македонско-австралиски државјанин, во врска со недозволена трговија со наркотици.
Акцијата беше реализирана и спроведена од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги, Единица за недозволена трговија со дрога, секторите за прикриени полициски операции и меѓународна полициска соработка, САЕ – Тигар, заедно со ЈО од ОЈО за ГОКК, во директна соработка и размена на докази со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија, а во координација и со Американската ДЕА.
По едногодишна истрага, во Струга, беше лишен од слобода 27 годишен маж од Струга, со Македонско – Австралиско државјанство, за кого постојат основи на сомнение дека е координатор на меѓународна организирана криминална група, користејќи софистициран начин на комуникација, преку енкриптирани телефонски уреди за договарање на зделките со дрога.
„Се претпоставува дека осомничениот водел организирана и софистицирана нарко банда која била одговорна за увезување на големи количини дрога во Австралија“ – потенцираше директорот на единицата за сериозен и организиран криминал на Западна Австралија, главен инспектор Џон Хачинсон на прес конференција посветена на апсењето на осомничениот во Република Северна Македонија.
Во текот на оваа меѓународна операција, во Австралија, лишени се од слобода 13 лица, кои биле припадници на криминални групи поврзани со групата која ја координирал осомничениот, при што била запленета голема количина наркотична дрога во вредност од над 10.000.000 австралиски долари, како и голем износ на парични средства.
Полицијата вели дека осомничениот не стапнал во Австралија за време на операцијата извршувајќи ги криминалите од Северна Македонија и други места во Европа.
Против приведеното лице е поднесена кривична пријава од страна на ОЈО за ГОКК, а од страна на Судија за претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Д. Е.