Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера веднаш по пристигнувањето во Тирана каде ќе учествува на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, се сретна со заменик извршниот директор на Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), Ларс Гердес.
На средбата, како што соопшти денеска од МВР, се разговарало за повеќе теми, особено за заедничкиот успех со потпишувањето на договорот помеѓу земјава и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража во Северна Македонија.
„И двете страни заеднички се согласија дека со Договорот се отвора вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување, во борбата против илегалната миграција поврзана со криумчарењето мигранти и трговија со луѓе како врвен приоритет и за Република Северна Македонија и за ЕУ“ се наведува во соопштението.
Министерот Спасовски на средбата информираше дека по ратификацијата на Договорот со Фронтекс во нашиот и во Европскиот парламент, засилено течат активности за негова брза и квалитетна имплементација, преку изготвување на Оперативен план и ставање во функција на сите потребни капацитети.
Според Гердес, искуствата покажуваат дека заедничка карактеристика за спроведување на овој договор и во земји членки и во оние кои сѐ уште не се членки на ЕУ, е меѓусебно споделување на знаењата и искуствата, со цел обединување на силите.
„Исто така, во текот на ноември годинава беше најавено тим експерти од ЕУ да пристигне во Република Северна Македонија со цел да се разгледаат можностите за идните заеднички активности, за што Република Северна Македонија веќе собра искуства со заедничката седумгодишна меѓународна операција на нашата јужната граница“ се подвлекува во соопштението од МВР.
Министерот Спасовски на средбата со заменик извршниот директор на Фронтекс, Ларс Гердес додаде дека фактот што Европската унија, ја препозна земјава како посветен и стабилен партнер, со кој склучи договор за да обезбеди уште посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните и на Северна Македонија и на Европската Унија, е уште една потврда дека државата чекори по патот на напредокот.