Средбата протече во демократска атмосфера, оцени премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто на Сител телевизија. Тој сподели дека му е драго што освен претседатели на две партии, сите останати биле присутни на средбата и ги изнеле своите ставови. Премиерот додаде дека ја свикал средбата за европската иднина на државата, но и за одлуките што треба да се носат со широк консензус.
Во текот на средбата, но и во обраќањето пред медиумите кажав дека сите претседатели на политички партии ги информирав за преговорите, за буџетот за 2023 година, за мерките, но и за сите оние закони, повеќе од 130, што се наоѓаат во Собранието, а не се изгласани поради блокадата на опозицијата. Дел од нив се за владеењето на правото. Тоа е еден од врвните критериуми за пристапувањето кон ЕУ, истакна Ковачевски.
Премиерот додаде дека се зборувало и за помошта за најранливите категории граѓани, бизнисот и мерките за енергетската криза.
Но, мора да се разговара на сите теми, државата ги почна преговорите со ЕУ и со изгласаните заклучоци од Собранието веќе ги гледаме првите резултати. По заклучоците, ја одржавме првата меѓувладина конференција, потоа почна скринингот, а пред некој ден го потпишавме и Фронтекс договорот на македонски јазик. Тој договор долго време не беше потпишан, бидејќи во него стои македонски јазик, додаде Ковачевски.
Според него сите општествени чинители треба да бидат вклучени во процесот на преговори.
Ковачевски потенцира: Од нас зависи европската иднина на младите генерации, тоа не е процес на една партија
Предвремени избори не се поврзани со уставни измени, тоа нема ништо заедничко, ние имаме стабилно мнозинство, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање во интервју на Сител телевизија.
Самиот Мицкоски кажа дека работел на поголемо мнозинство, но со гласањето за Пенов се покажа дека со 64 ние го имаме мнозинството во Собранието, кажа Ковачевски.
Премиерот, зборувајќи за лидерската средба, кажа дека од нас зависи дали за младите генерации ќе биде обезбедена европска иднина што поскоро, уште во 2030 година.
Мнозинството партии што присуствуваа се за отпочнување и завршување на уставни промени и тоа е работа на Собранието. Тоа мнозинство е потребно за граѓаните на државата. Процесот на евроинтеграција не е процес на една партија, тоа е наследство уште од нашите предци, кои пред 30 години одлучија за самостојна држава. Доминантниот број на политичките партии се за уставните измени, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека понудил заклучоци кои се однесуваат на европскиот пат на државата, што вклучуваат насочување на ресурси за што побрзо завршување на скринингот, Собранието да биде редовно информирано за процесот и доследно придржување до заклучоците што ги изгласа Собранието за европскиот предлог.
Ковачевски смета дека секогаш ќе постојат провокатори, но и кај нас и во Бугарија официјалната политика е за добри односи
Клубовите се придобивка од односите што сега ги имаме со Бугарија, кажа премиерот Ковачевски во интервјуто, прашан за новотворениот културен клуб во Благоевград. Тој додаде дека сите активности меѓу двете држави треба да се во позитивен дух и во насока на градење доверба и меѓу граѓаните.
Само така можеме да напредуваме. Доколку Македонците се определиле да отворат клубови тоа треба да биде поздравено од сите, гледам таму некои политичари тоа не го направија. Тие клубови треба да имаат називи кои се соодветни. Веќе информирав и дека Министерството за култура почна процедура за отворање Културно-информативен центар во Благоевград. Јас во Бугарија сум бил на многу средби и ќе одам на отворањето на центарот во Благоевград, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека треба да се испрати порака на пријателство, порака на зближување на граѓаните на двете држави.
Беше поздравено и добро пренесено во медиумите она што го правиме со Бугарија за изградбата на железницата од Коридор 8. Потпишавме и договор конечно за гасот… Секогаш ќе постојат провокатори, но официјалната политика е за добри односи на Балканот, заклучи Ковачевски.