Најмалку 88 отсто од Украинците веруваат дека нивната земја ќе биде просперитетна членка на Европската унија за десет години, покажува анкетата објавена од Киевскиот меѓународен институт за социологија.
Украина поднесе барање за членство во ЕУ набргу откако Русија ја започна својата инвазија во февруари, а Кијив доби кандидатски статус во јуни. Во руската агресија се убиени илјадници цивили и опустошени огромни делови од територијата и инфраструктурата.
Украинците се оптимисти за нивните шанси за влез во ЕУ дури и на истокот на земјата, каде што имаше особено тешки борби, покажа истражувањето.
Седумдесет и шест отсто од испитаниците таму иднината на својата земја ја гледаат во ЕУ. Само пет отсто одговориле дека веруваат оти војната на крајот ќе ја остави земјата со уништена економија и ќе предизвика голем егзодус на Украинците.