Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Години и децении богами, ми остана смешна реченицата која ја искажа Јул Бринер, низ неговиот лик како сијамски монарх:
„Во Сијам, имаме еден облик на демократија, познат како апсолутна монархија!“
Такви споредби на спротивни концепти сеуште ми се смешни, ама поинаку. Тогаш тоа беше затоа што бев уверена дека дефинициите на сѐ за што луѓето зборуваат се јасни, познати и општоприфатени од сите, не дека многу разбирав што е демократија. Ми се чини дека сметав дека е заменски термин за слобода на говор сосе сите прашалници во глава како може да не е слободен говорот, сигурно се мисли на уличарското зборување…
Подоцна разбрав дека некои ја сметаат демократијата само за наметнување на мнозинство врз малцинство, насилство врз волјата на малцинството, дека сме наивни ако демократијата не ја сфаќаме како нив, претпазливо, дека е илузија, сон, фантазија, всушност само техника за мачкање очи со цел полесно потчинување на луѓето од однапред определени владејачки елити (сосе тирада за заговор). Навистина, ја зедов и таа страна предвид. Од друга страна, злопамтечки си ја споменувам анкетата од пред година-две во која голем процент од испитаниците посакувале да ги води авторитет со „цврста рака“. Односно, едни се прикажуваат како Непокорни кон некоја измешана идеја на апсолутистичка демократија, идентификувајќи некакви „стеги“ на демократијата, а други, едноставно, посакуваат апсолутен владетел. Пак излезе како виц со спротивности кога видов дека оние на кои демократијата им е, наводно, тесна и оние кои посакуваат апсолутен владетел се, воглавно, едни исти личности, и истакнати, и од секојдневието. Една иста личност изразува револт дека демократијата го потчинува и ограничува и истата смета на иднина во која сѐ ќе биде прекрасно доколку владее режим со цврста рака. Небаре потчинувањето е вредност кон која треба да се стремиме!
Не верувам дека проблемот на не согледување на ваков апсурд е во нерационалноста на луѓето. Мислам дека е во негата на карактерот. Од една страна, имено, поимот демократија е дефиниран доста лабаво, за разлика од поимот квадрат, на пример. Квадратот, прецизно, фино дефиниран, еднакво е неопиплив како поимот за демократија. Но, поимот квадрат има многу сличности со опипливиот модел на квадрат, има и разлики, кои знаеме да ги наброиме, благодарение на прецизната дефиниција. За демократијата баш и немаме модел толку фин за сетилата, но ја разбираме насоката на содржаната идеја. Секако, не е само поимот демократија – има и други, уште посекојдневни, а лабаво дефинирани поими: слобода, закон, правда, уметност, на пример. Сите тие означуваат комплексни концепти, така што, од друга страна (уделот на говорникот), потребна е извесна чесност во карактерот за да ја задржи ориентацијата на значењето на поимот. Да отстапува, можеби, сосем малку, испробувајќи го поимот на нови ситуации, со цел да се добие подобра дефиниција, подобри рамки, да се засили јасноста на значењето, слично како што е вежбањето за телото. Но, да не се отстапува премногу. Да не му се искршува значењето, да не му се демагнетизира ориентацијата со спротивно користење, така што самиот на себе поимот да си стане контрадикторен.
Освен чесноста, има и дополнително искушение на карактерот, претераната желба за олеснување на напорот за мислење, со препуштање на егоцентричен поглед, па макар и туѓ (малку смешно, бидејќи навидум е парадоксално), заборавајќи на други погледи или уште полошо – не признавајќи ги. Така, поимите, наместо да добијат појасно значење со помош на репер од сопствените искуства, губат од значењето со буквалистичка примена на реперот. Тоа е како да се постапи вака, на пример, за поимот југ (страната на светот): „Ене, Водно е на југ“ (јас така си гледам, не признавам друго), па „Водно = југ“ да се закопа во главата како дефиниција за југ!
Значи, комплексните поими – концепти се отворени од две страни да се надоградуваат, но пристојно. Ако обопштуваме, со цел да вброиме повеќе ситуации со блиски тековни карактеристики на поимот, тогаш потребно е да не се изместуваме претерано, инаку поимот ќе се распадне од напрегање да вброи несоодветни ситуации. Ако го упростуваме, со цел да се добие јасност во некое конкретизирање, тогаш треба да се зачува препознатливоста, општите својства, односно реперите да останат само репери, а не да влезат во дефинирањето.
Оваа отвореност, лабавост на дефиницијата на вакви значајни и секојдневно употребувани поими е искористена од политичката пропаганда. Техниката суштински се состои од некој вид на пополнувалка за сите со лабав карактер, кои тоа си го сметаат за „отворен ум“. Имено, преку разни продорни техники се наметнуваат нечесни обопштувања и упростувања на поимите, па дури и на информациите. Тие вештачки гротескни надградби на изворниот поим или информација се поттуруваат како делче од сложувалка што недостига, како лесен мал крстозбор кој читателот САМ ќе го реши и затоа ќе биде горд што така „ингениозно“ успеал да извлече корисна „информација“, а всушност дезинформација. Го навлекле да изеде ѓубре, а да мисли, веројатно до крајот на животот, дека изел кавијар. Воедно, го деструирале поимот, информацијата, за секоја жива душа на светов. Го разориле со „надградба“, како туривање шеќер во бензински резервоар, маткајќи нѐ дека и шеќерот, и бензинот се енергенси. Со обопштувања како доцртување рокчиња со фломастер на главата на светец. Со упростувања, како бришење букви од Њутновите формули.
Да се разбереме, дејствата на нашите политички пропагандисти не произлегуваат од тоа што многу-многу се грижат за дефинициите на општествените концепти. Тие само ги намирисуваат лабавите концепти или си разлабавуваат поцврсти концепти со својот пис-јазик (F-bombing доктрина, сѐ си пишува во упатствата за употреба!) и ги искористуваат. Суштината за нив е – утилизација на сѐ. Најбаналниот пример, со најбанална утилизација, ни седи на плоштад. Сите ние, лабаво дефинираниот поим – уметност, си го консумираме, сакале или не, низ истовременото упростување и обопштување на поимот уметност, т.е. низ Скопје 2014… Но, и за демократијата, си исконсумиравме цел дијапазон од расипани лифтови, до крв во Собрание. За право на жената на абортус добивме инквизиција за казни од парични до душевни за сите вклучени. За право на образование добивме будалија со кој студенти, преку некаков екстерен испит, се исфрлаат од четврта година студии без можност да дипломираат. За право на информирање – затворени и претепани новинари. За право на лечење – плакати со доктори во лисици. За слобода на говор, немам зборови… Се надевам, памтиме сите дали сме биле среќни или не за време на диктаторот-бегалец, така врзани на кратко јаженце, сите војнички подредени со цел да бидеме корисни идиоти. Ок, сигурно имало среќни во таа ситуација, но да не влегувам во дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални растројства.
Да повторам, генерално не мислам дека луѓето се нерационални, туку се уплашени за себе и би пошле со секого со кого ќе почувствуваат барем трошка сила плус. Сепак не е толку лесно да се открие двојна измама додека чувството на задоволство од својот памет е поголемо од чувството дека нешто не штима.
На пример, еве како денес ВМРО-ДПМНЕ (и Апасиев) ги деструираат концептите за своите приврзаници. Да разгледаме што прават со демократијата како концепт. Повикувајќи се на не наивност (оти личната сигурност е во прашање!), односно стимулирајќи цинизам (проблем на карактерот, повторно), тргнаа со една упростена дефиниција дека демократијата е само гласање, можеби уште поцинично, само пазар со гласови. Актот на убедување со аргументи и постигнувањето договор или компромис, кои, и вредносно, и временски се остваруваат пред секое формално дејство мерливо преку гласови, го отфрлаат пред очите на сите како наивна приказна која го загрозува поединецот. Поимот компромис е деструиран до „уцена“, поимот аргумент е деструиран до „само една вистина“, а договор = „дил“ во најулична смисла. Либерализам, социјалдемократија = „свиткана кичма“. Власта = „лопови“ или „предавници“, „вазали“. Се разбира, кога мислат на себе во минатото како власт, не се откажуваат од оваа формула, туку ја романтизираат, „Робин Худовци“, „соработка со меѓународната заедница“, „средби со претставници на ЕУ“…
Така, ќе се обратат во етерот со „Лоповите/предавниците со свиткана кичма немаат доволно гласови оти дозволуваат уцени на само едната вистина и прават дил против нас кои сме (со) вас!“ Ок, ова е парафразирано, но не е чудно да била искажана токму оваа реченица. Сите овие зборови, склопени во оваа смисла, биле во етер. Со превод до оригиналните значења на поимите поединечно, не завршува пропагандата, се добива само маскирано значење. Односно, дадена му е занимација на слушателот да си ги склопи по нацрт лего коцките и да си мисли дека го открил значењето на натуфтаната горна „идеја“. А ако не ги склопи коцките, уште подобро, ќе си пребројат колку слепи, верни кучиња имаат. Маскираната идеја во превод е отприлика вака: „Каква вредност е демократијата (социјалдемократијата, либералноста), ако мора да се прават компромиси за да се постигне договор? И што вредат аргументи, штом лошиот дел од компромисот е против нас доблесните?“ (бескомпромисните, вистинољубивите, правдољубивите…дополни уште доблести). Слушателот дошол самиот до интерпретација и смета дека длабоко сфаќа: „Аха! Да, навистина не ми треба демократија!“ Оваа опасна техника на недоследна логика ја викаат „Извлечи свој заклучок“ или „Фактите нека зборуваат за себе“ и слична е со „Наведување на сведокот“ на суд.
Како да се види апсурдот на пораката рационално, бидејќи чувствата се пеперутки на ветерот? Никако, мора да фатиш пеперутка. Како инаку да откорнеш таква крлеж-техника, ако изменетата смисла се храни од смислата, ако дезинформацијата се храни токму од информацијата?! Не им честитам на генијалноста оти е нечовечка.
Прво, колку и да му пружаат среќа или го тераат на гадење бесните зборови погоре, би требало човек да не се залулкува во туѓата сила, ниту да се изгуби во лутина, туку да не заборава (или да се освести допрва!) дека за тие зборови веќе има двонасочен превод со друго нивно значење, најпосле, со години сме изложени на дневно изменување на поимите и информациите. Кога ќе го добие тоа, како смисла, идеја, да не се залулка во задоволство од својата паметност, туку следно, да си ја преиспита емоцијата. Ако го фрла во очајување или пак, лутина, дека „таква е реалноста“, „џабе вредности, џабе добрина“, „животот е борба“, „треба да се опстане“ и слични песимизми, да си знае дека е жртва на пропагандната Доктрина на жилавост (Law of unintended consequences), чиста фалшливост во резонирањето. Ако емоцијата е ваква, тогаш дошло време со разбирање да ги прочитаме предвидувањата, планирањата на говорникот. Секако, може веднаш да скокнеме на овој чекор, без сецирање на измамата, но оние што мислат дека ќе најдат среќни планови, одамна застанале на првото скалило на измамата на говорникот и нема да мрднат оттаму. Емоцијата може да е оптимистична само ако планирањата веќе биле вклучени во изворната порака. Но, не на секого му е јасно дека чесните планови се искажуваат чесно! Во случајов, што можеме да прочитаме како план за иднината: „Ние сме незадоволни од слабоста на (социјал)демократијата, не нѐ заштитува ексклузивно, па попрво би се потчиниле на вистински потчинувач – диктатор (а веројатно и корења би јаделе, оти сме милениумски пиреј), бидејќи диктатор не би криел од нас бескомпромисните, вистинољубивите, правдољубивите, дека нѐ потчинува! Би му служеле на искрениот диктатор, бидејќи штом диктаторот е искрен со нас вака доблесните дека нѐ потчинува, тогаш диктаторот е исто така бескомпромисен, на страната на вистината, правдата, итн.! Сигурни сме и безбедни бидејќи диктаторот никогаш нема да се компромитира со компромиси, аргументирања и договарања, тој е ние, ние сме тој. Слободата не е за тие што се против вистината и правдата…“ И така натаму, во стабилен фаши-круг.
Воглавно, нивните медиумски пропагандни трикови не се случајни и не се спонтани, освен некои самоволни излети на Мицкоски, кои се препознаваат во суетата или анксиозноста. Промислените, особено во пишаните медиуми може да се препознаат и би ги оценила како модерни техники, последен крик, од којзнае кој тинк-танк.
Информациската војна е како вирусна епидемија. Имунитетот можел да се стекне со нега на карактерот во училиштето, под менторство на интегритетни индивидуи за наставници. Го немаме тоа во голем дел. Во ваква акутна состојба, државните институции, самите компании на социјалните мрежи и Гугл, односно пребарувачите генерално, избегнуваат да станат „министерства за вистина“ (патем, дали сме свесни дека ниеден пребарувач не ги реди резултатите според степенот на вистинитост? Да го освестиме тоа). Граѓаните јавно или во себе се борат за ориентација, се порамнуваат со доблести, обидувајќи се да разберат што се случува, проценувајќи си ги емоциите и рационалноста… Некои отрпнуваат, некои стануваат премногу недоверливи, дури и параноични, некои едноставно се откажуваат, бидејќи сиот тој труд ги чини здравје. Многумина ја губиме истрајноста во преиспитувањето на рецептот за толку слатките отровни заклучоци кои пропагандата ни ги сервира како наши сопствени. Чувствуваме дека инстинктот за барање недостатоци е поттикнуван и канализиран во завидливост, злоба, наместо во истражување на содржината меѓу премисата и заклучокот на пропагандата. Гледаме како креативноста се убива во прости рими и слогани, наместо да служи како енергија за деструирање на пропагандата (барем за себе). Свесни сме како краткотрајните награди во број на допаѓања на социјалните мрежи создаваат ефект на коцкање на автомат, наместо енергија за афирмација на човечка вредност. Паѓаме во депресија под притисоци со доктрината на жилавост… И така натаму – состојба споредлива со јавна здравствена криза и чувство на беспомошност.
Целта им е оваа ситуација да се истура врз изборите, но таа уште повеќе тежи на грбот на граѓаните поединечно, со самото непрепознавање на што е добро за самите нив дури и за најелементарни работи од секојдневниот живот при потрагата по информација.
Моќта на расудувањето на поединецот е моќта која ќе го урне или напредне човештвото… Битката е за неа.
Текстот е личен став на Авторката. Преземањето е дозволено според лиценцата Creative Commons 4.0.