Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Додека светот го чека финалниот исход од изборната битка за контрола на Американскиот Конгрес, ги читам извештаите за вртоглавите суми на пари што се вртат во тој гигантски процес. И можам само уште еднаш (здодевно) да констатирам дека политиката е голем бизнис. Секако, тоа важи и во обратната насока – бизнисот е (и) политика.
Само во петте најскапи изборни трки за место во Сенатот на САД се потрошиле фантастични 1,3 милијарди долари, односно повеќе од 1,9 милијарди долари за десетте најскапи кампањи за место во Сенатот. Топ 10 листата на кампањи за место во Претставничкиот дом изнесува речиси 350 милиони евра. Вистинска поплава од пари во американските конгресни избори!
Дали ова е чудно и невообичаено? Не. Освен што од година во година, сумите на пари што се инвестираат во политичките кампањи расте и тоа не само во САД, туку насекаде во светот. Политиката стана сѐ поскапа, а во неа сѐ поретко успеваат да се пробијат „обичните смртници“. Хрватскиот пример на локалните избори 2021 година со ѕвездениот подем на Томислав Томашевиќ, покажува дека не секогаш е така, но и дека тоа е повеќе исклучок отколку правило. Но да се вратиме на американските избори.
Светот секогаш ги следи американските избори со нетрпеливо исчекување. Особено последните неколку изборни процеси во САД (од Трамп наваму) се покажаа како исклучително напнати и неизвесни, како последица од сѐ подлабоката поларизација во американското општество, но и во светот. Конгресните избори што се одржаа на 8 ноември се извонредно критични. Претседателот Бајден изјави дека на овие избори се брани демократијата. Затоа, воопшто не е чудно што чинат милијарди долари.
Граѓанското учество, самиот процес на гласањето, спроведувањето на кампањите, а потоа и претставувањето на конституентите на секој избран функционер на било кое ниво на власта чини многу пари. За да стекнат граѓаните јасна претстава за луѓето што се борат за власт и за нивните програми, потребни се пари. Многу пари.
Зависно од тоа дали и колку пари имате да вложите во кампањата, таква ќе ви биде стартната позиција, а во денешно време и каков ќе ви биде изборниот резултат. Парите ви требаат за да стасате до што е можно поголем број гласачи, да ве забележат, слушнат и прочитаат. Со пари ја обликувате јавната перцепција, а со тоа и својата изборна судбина.
На политичките партии им се потребни пари за да „одгледаат“ кадар со кој може да влезат во политичките битки за власт. Се разбира, освен ако тие што имаат пари и влијание, самите не посакаат да ја креираат партиската волја, па самите да станат кандидати во изборните процеси.
Накратко, политиката е скапа играчка со која можат да се занимаваат само богатите кои можат да си дозволат да ги приберат најдобрите и најкреативните умови околу себе, кои им ги креираат програмите и кампањите.
А тоа не е ни почеток на процесот, туку само завршна фаза. Затоа што, паралелно со кампањата да се претстават програмите и да се освојат изборните срца на гласачите, се одвива пропагандната војна во која се вклучени актери во и надвор од земјата. Бидејќи, кој има влијание во американските лостови на моќта, има влијание и врз светот. Оттаму, не зачудуваат ни големите (и исклучително скапи) пропагандни операции на Русија поврзани со американските избори. Но тоа е уште една долга и тревожна сторија во која може да се препознае секој, барем малку информиран човек. Ајде да видиме до каде е броењето сега, а за бизнисот, политиката и животот помеѓу, веќе во првата наредна приликa.
Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.