Слободните и независни медиуми се столб на демократијата и предуслов за инклузивен развој на општеството, со големо влијание врз граѓаните и со уште поголема одговорност кон јавноста. Растечката употреба на интернетот и на дигиталните медиуми, придонесуваат за менување и на аудиовизуелните навики на луѓето. Брзото ширење на информациите и дезинформациите преку интернет платформите, поттикнува сосема нови трендови во информирањето и кај традиционалните медиуми, што, за жал, придонесува сензационализмот и површноста, често да имаат предност пред истражувачкото новинарство и дистрибуцијата на точни и релевантни информации, истакна во пораката до Регионалниот состанок на регулаторните тела за медиуми, претседателот Стево Пендаровски.
„Сѐ повеќе расте потребата од независни и одговорни регулаторни тела кои имаат значајна улога во промоцијата и одржувањето на слободата на изразување, почитувањето на различноста и заштитата на маргинализираните групи во медиумското известување, унапредување на медиумскиот плурализам и професионалните новинарски стандарди, понатаму, во заштита на малолетната публика, и на крај, се разбира, не и најмалку битно, во напорите за поголема медиумска писменост и борба против пропагандата и погрешните информации и сите нивни подвидови, од дезинформациите до мисинформациите и малинформациите“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека со отворањето на нашите преговори за членство во ЕУ, се отвораат и нови обврски и предизвици пред Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги. Ќе биде потребно усогласување на националното законодавство со европската легислатива, вклучувајќи ги и законите од областа на медиумите, поточно, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со изменетата Директива за аудиовизуелни услуги на ЕУ и со актите поврзани со медиумската сфера, рече Пендаровски.
„Во изминативе неколку извештаи Европската Комисија го нотира подобрувањето во медиумската сфера и проактивниот пристап на регулаторот за медиуми во поттикнување на медиумскиот плурализам, посветеноста на унапредување на професионалните новинарски стандарди и промовирање на медиумската писменост. Имајќи ја во предвид нужноста ваквите трендови да продолжат, треба да се работи на интензивирање на медиумските реформи, но и на обезбедување на независноста и финансиската стабилност на јавниот радиодифузен сервис и регулаторот за медиуми, што вклучува, меѓу останатото, и префрлање на буџетски пропишаните средства за развој на радиодифузната дејност“, истакна Пендаровски.
Претседателот вели дека сето ова е значајно за напредокот во медиумската сфера и за достигнување на европските стандарди во слободата на изразување и информирање, што се заедно влијае врз севкупниот демократски развој на државите.
„Оттука, ги поздравувам вашите напори за продлабочување на регионалната соработка за размена на искуства со земјите од регионот – со земјите кои се веќе членки на ЕУ и ги имаат усогласено своите национални законодавства, со земјите кои преговараат за членство, како и со земјите кои имаат такви аспирации, а сѐ уште не ги започнале преговорите. Подобрата соработка меѓу нас ќе значи и зацврстување на европската перспектива на регионот, а тоа претставува основа за поефикасно заедничко решавање на проблемите со кои сите ние се соочуваме“, потенцира претседателот Пендаровски.
Ј. Ѓ.