Претседателот на универзитетското собрание на УКИМ, Славчо Темелковски кажа дека за време на вчерашниот разговор во Собранието било потенцирано дека во однос на носењето на одлуки на државно ниво, младите треба да бидат дел од овој процес. Тој кажа дека е оптимист за усвојување на решение за студентскиот оброк кое ќе биде системско и долгорочно.
Ние предлагаме легитимни решенија кои можат да се адаптираат и применат. Секогаш е подобро да се донесе едно решение кое ќе биде системско и долгорочно. Притоа нема да има потреба од постојани законски измени, кои можат да бидат попречувани. Кога вчера се согласија предлагачите на измените, како и министерот за образование, за тоа ние студентите да учествуваме во работните групи, јас сум оптимист дека ќе се донесе многу добар закон кој ќе придонесе многу за сите студенти, истакна Темелковски во гостувањето во „Топ тема“.
Според него, „заедно со претставниците на останатите универзитетски собранија на вчерашната средба со претставниците на власта покажавме обединетост и покажавме дека сите студенти сме на ист став“.
Како што истакна, тие не ги прифаќаат предлог-измените во Законот за субвенциониран оброк.
Важно е да се обезбеди здрав оброк за студентите, но со предлог-измените се предвидуваше бројката да биде намалена на 2-3 илјади студенти од вкупно 30 илјади кои имаат право на надоместокот. Добро е што ни е исполнет уште еден од условите, а тоа е дека во работните групи за новото решение ќе учествуваат универзитетските собранија, заедно со Министерството за образование. Со ова е добиена само една битка, борбата за подобар студентски стандард само што започна, нагласи Темелковски.
Тој додаде дека денеска тие биле на средба во МОН каде разговарале за детали за системско и долгорочно решение.
Како дел од тие групи верувам дека ќе најдеме правилно решение за сите студенти. Првично беше намерата да се врати оброкот на студентите кои за краток период го „загубија“, изјави Темелковски.