Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска во Општината Чучер Сандево во придружба на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општината Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ ја посетија и официјално ја отворија градинката „Мило мое” во Општината Чучер Сандево.
Оваа Општина за прв пат добива градинка за воспитание и образование на деца до 6 години со простор за да прими 110 деца.
“Денес ја отвораме конечно првата градинка во Чучер Сандево, нешто што на граѓаните им било ветувано пред секои избори, меѓутоа никој не го направил тоа досега. Обврска на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, заедно со Општината е да обезбеди предшколска возраст за децата и затоа се потврдува уште еднаш правилото дека не треба да има избори за да се отвори градинка или било каков друг инфраструктурен објект.“ кажа Ковачевски во своето обраќање.
Владата досега има дадено поддршка да се отворат 73 градинки, до крајот на годината Ковачевски најави дека ќе се отворат уште 10, а идната година ќе следат уште 15.
„Јас исправено стојам пред сите предизвици, Северна Македонија да стане економски силна и стабилна држава, полноправна членка на Европската Унија. Тоа им го должиме на граѓаните, најмногу тоа им го должиме на децата. Со отворање нови градинки на децата им обезбедуваме среќно детство, но должни сме да им обезбедиме и среќна и просперитетна европска иднина. И од тоа нема отстапување.“ кажа Ковачевски.