Царинската управа во континуитет спроведува мерки и активности кои имаат за цел олеснување на трговијата и побрзо царинење, како при увозот така и при извозот. Ова е важно за сите стопански гранки но нас особено не интересираат новините и вниманието кое се посветува на извозот на земјоделските производи, објави „Агротим“.
На оваа тема, но и за други актуелни случувања, „Агротим“ разговараше со директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
Агротим: Кои новини ги воведувате во интерес на извозот на земјоделските производи?
Особено внимание се посветува на извозот на земјоделските производи и на другите осетливи стоки како што е свежата храна, за кои постапката на извоз се врши максимално брзо, а четири гранични царински терминали работат 24/7, со особено голем интензитет во летните месеци кога има зголемен извоз на земјоделски производи.
На почетокот на пандемијата, за да обезбедиме непречен проток на стоките од суштинско значење за граѓаните, ги воспоставивме т.н. Зелени коридори, кои непречено функционираат во регионот со земјите на ЦЕФТА, кои ги вклучуваат прехрамбените производи – месо и зелeнчук, медициска опрема и лекови. Во Република Северна Македонија зелените коридори се применуваат на граничните премини Табановце, Блаце и Ќафасан, каде се обезбедува приоритетен третман при премин на границата и при царинење. Дополнително, во март оваа година на граничниот премин Табановце – Прешево и Ќафасан – Ќафтане, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, беше поставена табла за обележување на приоритетна линија, која меѓу другите се однесува и за возилата кои ги превезуваат овие стоки, како при излез така и при влез во државата, што секако ја забрзува постапката и пристигањето на овие стоки до земјата на одредиште. Имајќи ги предвид позитивните искуства од Зелените коридори во рамките на ЦЕФТА, во јули оваа година со гувернерот на Независната управа за јавни приходи на Република Грција потпишавме Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, со кој се овозможи примена на Зелените коридори и за стоки кои излегуваат кон Република Грција. Со тоа, на граничниот премин Богородица – Евзони е воспоставен првиот Зелен коридор со земја членка на ЕУ. Резултатите и ефектите од оваа размена се евалуираат и од Европската Комисија, со цел истите да се прошират помеѓу земјите во регионот и соседните земји членки на ЕУ.
Агротим: Можете ли да ни кажете нешто повеќе за зелената царинска декларација?
Оваа новина која ја воведовме во работењето на Царината од големо значење за забрзување на протокот на стока и олеснување на трговијата. Имено, од 23 ноември царинењето, како при увоз така и при извоз, се врши во целосна бесхартиена околина, и притоа завршува автоматски за еден час, со т.н. зелена царинска декларација.
Ваквата новина се овозможува за сите увозни и извозни декларации кои се правилно пополнети и автоматски проверени, со електронски приложени сите документи и кои системот ги селектирал како неризични, односно зелени, кои не подлежат на дополнителни проверки и контроли, и за кои се платени или обезбедени царинските давачки. Во моментот кога декларацијата е селектирана од системот на зелен канал, започнува да тече тајмер подесен на еден час, после кој истата автоматски добива статус дека се пушта во слободен промет. Притоа, значајно е што, економските оператори, поконкретно застапниците, целата постапка ќе можат да ја спроведат далечински, без да доаѓаат во царинските терминали и без било каква интеракција со царинскиот службеник. Веќе сведочиме за многу позитивни коментари и искуства од страна на деловната заедница за воведувањето на оваа новина.
Агротим: Што значи Отворен Балкан за нашите домашни извозно ориентирани компании? Какви предности нуди и како понатаму ќе се развива оваа соработка со земјите дел од Отворен Балкан?
Во рамки на иницијативата Отворен Балкан, Царинската управа е интензивно фокусирана на активностите кои се во насока на понатамошно олеснување на регионалната трговијата, и зајакнување на конкурентноста на домашните компании. Поддршката од највисоко ниво која ја има оваа иницијатива е од суштинско значење.
Во таа насока, со Република Србија, а неодамна и со Република Албанија, ги ратификувавме договорите и потпишавме протоколи за заеднички контроли – One Stop Shop и меѓусебно признавање на статусот Овластен економски оператор (ОЕО) на компаниите учесници во царинските постапки и со засилена динамика работиме на нивна имплементација во пракса.
Врз основа на овие договори, како што веќе споменав, во март оваа година на граничниот премин Табановце – Прешево и Ќафасан – Ќафтане воспоставивме приоритетена лента за сите товарни возила кои превезуваат стоки од земјите од Отворен Балкан, каде е овозможен приоритетен третман и на стоките кои преку зелените коридори ностат стоки од ЦЕФТА земјите. Тука се вклучени и возилата со стоки за домашните компании со статус на ОЕО, како и за ОЕО компаните од Србија и Албанија, за кои компании претходно спроведовме процес на меѓусебно признавање на статусот во рамките на ЦЕФТА. За сите нив се намалува времето на чекање на граничните премини преку даден приоритет во преминувањето на границата и спроведување на царинските формалности со скратени и олеснети физички и документарни контроли.
Реализиравме и повеќе инфраструктурни активности на граничниот премин Табановце, со цел да обезбедиме единствено застанување и контрола на едно место на товарните возила, но и да го олесниме зголемениот проток на патнички возила, особено во текот на летниот период и за празниците. На почетокот на јуни, завршивме една фаза од реконструкцијата на преминот, односно поставени се нови кабини за работа на граничните полиции и царинските службеници од двете земји, нови рампи, реновирани се помошни простории наменети за колегите од Србија, поставена е потребната мрежна и телекомуникациска инфраструктура. Со поддршка на ЕВН го надминавме и долгогодишниот проблем со прекини на електричната енергина на преминот. Како резултат на овие активности, на граничниот премин Табановце овозможивме непречено да функционираат 10 ленти, од кои 2 за товарни возила, 1 за автобуси и 7 за патнички возила.
Во рамките на овие активности, неодамна воспоставена е и брза лента за празни камиони и камиони кои превезуваат стока со европски транзитен документ – НКТС, кои повеќе не е потребно да влегуваат во граничниот царински терминал на Табановце.
И секако – не застануваме тука. Би сакала да најавам дека веќе работиме на нов прокет за дополнитени реконструктурни зафати за проширување на тесните грла на преминот. Во исто време, во координација со колегите од земјите од Отворен Балкан, работиме на дополнителни олеснувања и на царинските формалности.
Сите овие активности, заедно со новините во дигитализацијата на царинското работење, пред се преку зелените царински декларации, воведувањето на електронски документ за фитосанитарна контрола на кој се работи во моментов, како и регионална размена на граничните документи, која преку ЦЕФТА активностите е во фаза на пилот – сметам дека дополнително ќе имаат влијание на понатамошно забрзување трговијата и синџирот на снабдување во регионот, што пак ќе влијае на зголемување на конкурентноста на македонските компании, вклучувајќи ги и извозните.