Во Кијив од денеска се очекува обилен снег, дневната и ноќната температура ќе се спуштат под нулата, а милиони луѓе во градот и околината остануваат без струја и греење.
Мрежниот оператор Укренерго соопшти дека производителите на електрична енергија можат да покријат само три четвртини од потребите на потрошувачите, поради што се воведени рестрикции и прекини на струја низ целата земја.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека има рестрикција на струја во 14 од 27 региони во Украина и во Кијив, за „повеќе од 100.000“ потрошувачи во секој регион.
Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, бројот на прекини може да биде поголем. Тоа уште еднаш покажува колку е важно да се штеди енергија и да се користи рационално, истакна Зеленски во синоќешното видео обраќање.
Сергеј Коваленко, главен оперативен директор на компанијата YASNO, која го снабдува Кијив со електрична енергија, изјави дека ситуацијата во градот се подобрува, но сепак е „прилично тешка“.
Тој посочи дека граѓаните треба да имаат најмалку четири часа струја дневно.
Ако не сте имале најмалку четири часа струја во изминатиот ден, пишете на DTEK Kyiv Electric Networks, колегите ќе ви помогнат да разберете во што е проблемот, напиша Коваленко на својот профил на Фејсбук.
Од друга страна, лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, на апликацијата Телеграм објави дека резултатот од специјалната операција за него е „целосно уништување на манифестациите на сатанизмот“.
Дозволете ми да парафразирам еден познат цитат – одиме само напред и ништо не може да не спречи, напиша Кадиров.
Резултатот од специјалната операција за нас е целосно уништување на манифестациите на сатанизмот: сатана, бандера, нацисти. Постојат многу дефиниции за нив, но суштината е секогаш иста. Нивната вистинска суштина е недостатокот на човечност, морални начела, ширење на зли духови. Затоа за нас тие се сатанисти. Да ги победиме е наша цел и задача, напиша Кадиров.
Чеченскиот претседател објави видео на социјалните мрежи од новото оружје и опрема што го добиле припадниците на специјалните сили Ахмат. Станува збор за оклопни возила BORZ, кои се вооружени со митралези.