Свесен сум дека патот кон ЕУ е сè освен лесен, дека довербата и трпението во макотрпните преговори ќе бидат оптоварени некогаш и преоптоварени но мојата молба до вас пратениците во Собранието но и до сите граѓани – е продолжете да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, истакна германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер при денешната посета на Скопје.
Сигурен сум дека повторно ќе дебатирате со страст и самоуверено, вели Штајнмајер , но кај оваа уставна промена станува збор за повеќе од собирање на поени во внатре политичка дебата. Станува многу повеќе од партиско политичко или лично профилирање. Сега не е време да се западне во поедноставени формули националистички призвуци, нагласува германскиот претседател.
– Мојата молба е – не ја губете следената цел, тоа што е стремеж 17 години, пристапувањето кон ЕУ сигурен сум – патот кон Европа за него вреди и следниот тежок чекор, вели Штајнмајер.
„Имаме голема, длабока почит кон вашата земја. Оваа почит не потекнува од кога фудбалската репрезентација на Северна Македонија триумфираше во Диусбург за време на квалификациите за СП. Нашата длабока почит се должи на вашиот крајно трнлив пат кон ЕУ. Вашата земја докажа секогаш и повторна енормна политичка храброст“, истакна Штајнмајер.
Тој рече дека Охридскиот договор од 2001 и Преспанскиот договор со Грција 2018/19, покажуваат дека Северна Македонија го владее она што можеби е најтешката задача во демократијата воопшто – да се водат болни дебати, да се разрешуваат конфликти, да прифаќа компромиси и на тој начин да решава проблеми со далекусежно значење за нацијата.
Без Западен Балкан и без Северна Македонија, ЕУ не е целосна. Уште денес пристапниот процес мора да донесе конкретни подобрувања за Македонците и Македонките, за луѓето од целиот Западен Балкан, рече германскиот претседател.
Штајнмајер подвлече дека се потребни политички и економски реформи, исто како и реформи во правосудството. Реформи од кои луѓето ќе профитираат во нивното секојдневие. Северна Македонија е на многу добар пат, рече тој.
„На патот кој следи чекаат многу понатамошни подобрување за граѓаните на вашата земја. Ќе ги именувам само мерките за борба против корупцијата и модернизацијата на јавната администрација. Тоа што државите од Западен Балкан и Германија токму неодамна на почетокот на ноември во Берлин успеаа да придвижат многу понатамошни конкретни чекори, тоа нè охрабрува не само нас и вас наскоро ќе може само со лична карта да се поминат тука границите во регионот. Наскоро ќе може да се започнат обуки и работа и во некоја друга држава од Зaпаден Балкан. Образовните дипломи ќе бидат меѓусебно признати. Нема веќе роаминг меѓу Зaпаден Балкан, а заедничкиот регионален пазар ќе ги придвижи сите земји од регионот на економски план“, истакна Штајнмајер.
Тој нагласи дека влезот во ЕУ ќе им ја отвори портата на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија кон ЕУ внатрешен пазар, кон најголемиот трговски блок во светот. Исто така и портата кон 450 милиони европејци. Портата за работа, за живеење, за патување низ нашиот континент. Ние се радуваме да ве видиме вас како минувате низ оваа порта, рече Штајнмајер.
„Неизмерно е важно со оглед на војната во Украина да сме во сигурни партнерства, да бидеме еден покрај друг, меѓусебно да се засилуваме, да се поддржуваме. Доживуваме како Русија насилно сака да помести граници, како се обидува да им ја наметне својата власт на украинските граѓани. 24 февруари оваа година беше прекин на една епоха. Не втурна во едно друго време. Во една несигурност која се веруваше дека е надмината. Во едно време сега означено од војна, насилство и бегство. Од грижа дека војната ќе се распламти во цела Европа. Токму во вакви времиња, достигнувањата во ЕУ имаат особено светол сјај како заедница на вредности со тие на страната на оние кои се нападнати. Не дозволуваме една голема држава насилно да совлада помал сосед. ЕУ се залага за владеење на правото, за благосостојба. Таа останува најголем мировен проект“, рече Штајнмајер.
Издвои дека руската агресорска војна ја уништи надежта за еден свет што станува помирен. Затоа е важно државите од Европа да стојат една покрај друга и меѓусебно да си нудат безбедност во една партнерска унија. Агресијата на Путин не ја подели Европа, туку уште повеќе ја зближи, потенцира германскиот претседател.
„Северна Македонија игра многу важна улога. Во ОН, од пред две години и како партнер во НАТО, со својата цврста поддршка на ЕУ исто така и со зголемениот економски притисок врз Русија како и со испораката на оружје и подадената рака кон бегалците. Вашата земја е сигурен партнер за Украина, и за сите нас тука во Европа“, истакна Штајнмајер.