„Голема благодарност за поканата на Северна Македонија. Чест ми е што можам да ви се обратам. Не помина ни половина година кога вие тука во оваа сала испишавте историја. Кога на 16 јули оваа година ја донесовте одлуката која не беше едноставна за никого од вас, за гласање на протоколот со Бугарија, за да продолжите да чекорите по патот Северна Македонија кон ЕУ“, истакна германискиот претседател Штајнмајер при денешната официјална посета во Скопје.
Сликата како се вее македонското знаме и знамето на ЕУ тука во оваа сала по гласањето, таа слика во Германија ја примивме со радост, со олеснување и со голема длабока почит кон вас и целата ваша земја, нагласи Штајнмајер.
Се разбира дека ги видовме и дргите слики околу гласањето, плакатите тука во салата и пред ова собрание кои бараа НЕ, исто така и сликите од демонстрациите и во Скопје и во другите градови од вашата земја, рече Штајнмајер.
Тој вели дека Протоколот со Бугарија, потребната уставна измена, овие теми знам дека ги засегаат луѓето, бидејќи станува збор за прашања од националниот идентетит, историја и култура.
Сигурно дека е правилно овие дебати да се водат со страст. На важните општествени дебати им е потребен овој стравствен пристап.
„Сметам дека вие може самоуверено да ги водите овие дебати. Вие ја обликувате и вие одредувате што ја сочинува вашата земја, вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како треба да изгледа во иднина. Онака како што тоа го правите од пред 30 години. Онака како што тоа го формулираше македонскиот писател Блаже Конески – кога кажа и напиша „ јазикот е нашата татковина“, истакна германискиот претседател Штајнмајер.