Уставниот суд одлучи да го укине членот 44 став 2 од Законот за социјална заштита во делот „најдоцна до 65 годишна возраст“ кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.
– Судот одлучи да ја укине оваа оспорена одредба бидејќи со неа е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните. Оваа одредба е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а е опфатена во членот 8 од Уставот, информираше денеска портпаролката на судот, Христина Беловска.
Според Законот за социјална заштита, надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице.
Надоместок заради попреченост, според член 44 став 2 од овој закон, може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.