Над 11,5 милиони Украинци беа насилно депортирани во Русија од почетокот на целосната инвазија, изјави заменик-министерката за внатрешни работи на Украина, Катерина Павличенко, јавува Укринформ.
„Во услови на сеопфатна инвазија, целосна војна и хуманитарна криза со која се соочуваме сега, проблемот со трговијата со луѓе добива нова итност. […] Денес се соочуваме со новите предизвици: хуманитарната криза, движењето на милиони Украинци во странство во потрага по помирно, побезбедно место и принудното преселување, депортацијата на Украинците, имено на децата, во Русија, Белорусија и привремено окупирани области“, истакна Павличенко.
Според нејзините зборови, додека западните земји обезбедуваат помош за украинските бегалци во странство, Русија насилно ги депортира Украинците под маската на таканареченото „спасување“, принудувајќи ги да поминат низ процедури за филтрирање. Ова е грубо кршење на меѓународното хуманитарно право, а Украина го покренува ова прашање на сите нивоа, вели Павличенко.
Подготви: Ј. Ѓ.