Латинка Перовиќ, српска дисидентка, историчарка и борец за човекови права, почина во Белград на 89-годишна возраст. Веста за тоа ја пренесе и германската новинска агенција DPA.
Латинкa Перовиќ почина во понеделник 12 декември 2022 година, извести агенцијата DPA, повикувајќи се на соопштението на Хелсиншкиот комитет за Србија, во чие претседателство беше Перовиќ.
Латинка Перовиќ по 1968 година беше истакната претставничка на либералното крило во Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ), кој беше на власт во тоа време, пишува DPA.
DPA посочува неколку важни моменти од животот и делото на српската дисидентка.
Чистката на Тито во 1972 година
Државниот претседател и партиски лидер Јосип Броз Тито во 1972 година одлучи да ја „исчисти“ СКЈ од „либералните елементи“ и тогаш не само Латинка Перовиќ, туку и други реформски политичари ги загубија своите позиции.
По повлекувањето од политиката, Перовиќ се посветила на истражување на историјата, особено на историјата на Србија во 19 век.
Осуда на српскиот национализам
За време и по крвавиот распад на Југославија, Латинка Перовиќ го осуди српскиот национализам, означувајќи го како главен виновник за војните од 1991-1999 година. Таа беше една од првите јавни личности во Србија која ги нарече геноцид злосторствата извршени од милициите на босанските Срби во Сребреница, кои беа поддржани од Белград.
Во јули 1995 година, во и околу Сребреница, босанските Срби убија околу 8.000 босански муслимани, од кои повеќето мажи и млади мажи, потсетува агенцијата DPA.
Наследството е инспирација
„Нејзината смрт остава огромна празнина во политичкиот и научниот живот на Србија“, напиша Соња Бисерко, претседателka на Хелсиншкиот комитет, во омажот за Перовиќ. Во исто време, наследството на Латинка Перовиќ останува „вреден извор и инспирација за сите, не само за идните политичари и историчари, туку и за сите оние кои сакаат да и ја отворат перспективата на модерна демократска држава на Србија“, вели Бисерко.
Извор: НоваТВ