Две лица загинаа, а пет се ранети утринава во руски ракетен напад врз градот Кривји Рих, во централна Украина, соопшти Валентин Резниченко, шеф на воената регионална управа на областа Дњепропетровск.
Меѓу повредените има и две деца, кои се хоспитализирани.
Претходно денеска заменик шефот на кабинет на украинскиот претседател Кирило Тимошенко изјави дека во Кривји Рих, родниот град на претседателот, била погодена станбена зграда и дека под урнатините може да има жртви.
Масовните ракетни напади од утринава врз повеќе градови и региони низ Украина се последни во серијата што руските сили ја почнаа уште во октомври со цел да ја уништат украинската електрична мрежа и инфраструктура. Ваквите напади предизвикаа низа прекини во снабдувањето со струја, вода и парно, што е особено опасно за цивилното население во студените зимски месеци