ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Како што тргнало, овие од Катар ќе го купат целиот свет“.
Ова е доста чест коментар, а уште почеста размисла после корупцискиот скандал во ЕУ, каде централна личност е Ева Каили, висок функционер во бриселската полит-елита.
Според германскиот Билд ова и буквално го „прорекол“ европратеникот од ЦДУ Денис Радке, шокиран од димензиите на скандалот и продорноста на катарските пари. Оваа проценка секако е засилена со сите актуелни согледувања од светот на фудбалот, каде нема дилеми дека нафтата и гасот од Доха лесно стигнал во одаите на ФИФА при одредување на местото на одржување на сега веќе завршеното Светско првенство.
„Шеиците од Катар не само што го купуваат Светското првенство и неговите алчни функционери за 200 милијарди долари, туку веќе не застануваат ниту кај политичарите. Зарем тие сакаат да го купат светот?“. – биле Ридкеовите зборови.
Реномето на ЕУ паднато на земја
Но, не треба да сте политичар од Парламентот на Унијата за да не ја видите падната на земја репутација на континенталната заедница, што митивира некои нејзини постојани опструктивни членки да се „ситат“, како на пример, унгарскиот мек диктатор Виктор Орбан, кој, како што пипшува Дојче Веле на својот Твитер објавил цртеж на „заглавен прст во неговата рака“ со коментар.
„Дали токму корумпираниот Европски парламент сака да ја обвини Унгарија за корупција?“.
Парламентот навистина застана цврсто против уништувањето на демократијата од страна на Орбан, како и неговото автократско владеење, и ги принуди другите институции конечно да заземат став против него. И сега самиот парламент се разоткри и изгуби кредибилитет!
За ретките читатели кои не знаат за што се товари потпретседателката на Европскиот парламент Ева Каили, да кажеме дека таа е осомничена дека земала пари од Катар за да влијае на политичките одлуки во корист на оваа држава од Персискиот залив. Не била сама, веројатно се работи за цела група во која биле уште петмина други лица.
По долго следење на нејзините активности и на другите осомничени Каили е приведена откако при претресите биле запленети вкупно 600.000 евра готовина и мобилни телефони. Медиумите пишуваат дека инспекторите пронашле кеси полни со пари во станот на обвинетата. Западот е алергичен на користење на кеш и генерално, а не пак кога истиот е во стан во вреќи! Затоа покрај обвинувањата за корупција, се истражува и сомнеж за перење пари.
Самата Каили беше ослободена од сите службени функции и задачи. Социјалистичката фракција во европскиот Парламент веднаш ја исфрли од своите редови..Покрената е внатрешна истрага. Сепак, критики за управувањето со кризата имаше и за лидерот на пратеничката група Ираче Гарсија Перез. Според нејзините внатрешни критичари, таа не ја контролира добро ситуацијата и прави тактички грешки.
Кои се браќата во коруптивните дејствија на Каили? Приведен е и поранешниот европратеник од Италија Антонио Панцери, како и италијанскиот партнер на Каили – Франческо Џорџи, со кого живее и кој веќе ја признал вината. Двајцата се во истражен затвор. Тука инаку влегува и белгискиот социјалдемократ Марк Тарабела, чиј стан исто така бил претресуван. Во истрагата сега влегува и лобистот Николо Фига –Тараманка Тој и Џорџи формирале невладина организација под име „Борба против неказнивоста“, белким да имаат некакво алиби пред бриселската јавност.
Купување на влијание од Катар, ама и за Мароко!
Која била намерата на оние кои ги полнеле нејзините скапоцени торби со кои го посетувала Катар, а имало такви, се виде и по полните вреќи со пари? Она што генерално се знае е дека тие сакале од неа да купат влијание на политиката на Унијата а во прв план засега стои барањето на шеиците да се обезбеди безвизен влез за државјаните на Катар во ЕУ. Истрагата засега исфрли на површина дека тие исти шеици барале таа привилегија да важи и за граѓаните на Мароко, кои и онака ги има доста на Стариот континент, а што се виде по нередите кои ги предизвикаа нивните навивачи во Белгија и Холандија! Ова некако врзува и други асоцијации и за Светското првенство, каде Мароко стигна далеку, но нема диклема дека Катар, кој е во постојан судир со арапските соседи, си бара други пријатели во тој свет!
ЕУ, во меѓувреме, ја доведе во прашање планираната визна либерализација за граѓаните на Катар.
„Во оваа ситуација, се разбира, воопшто не може да има либерализација“, напиша европратеникот на Зелените Ерик Маркарт на Твитер, пренесува Дојче Веле.
Со цел да нема корупција платите на европратениците се големи. Имаат по пет нули зад првата бројка! Тие добиваат и дарежлив надомест и по други основи. Зошто една жена би ја уништила својата кариера од чиста алчност и би собирала пари во чанти во хотелски соби и апартмани? -прашува европскиот печат?
Дали Ева Каили и нејзините пријатели мислеа дека ништо нема да се открие и полицијата ќе остане во мрак?
Какви се реперкусиите врз политилчките процеси на Европарламентот? Кај социјалистите и левите партии постои страв дека десницата сега ќе има аргумент да ги напаѓа на следните избори – одеднаш оние кои највњеќе се борат против корупцијата стануваат тие кон кои покажуваат со прст!
Покрај одложувањето на визната либерализација за Катар (и Мароко), Парламентот сака да ја разгледа одлуката за дополнително отворање на европскиот воздушен простор за државната авиокомпанија Катар ервејс (индикативно е колку ова би се реперкуирало на српскиот ЈАТ, кој е практично земен токму од оваа компанија?!).
Парламентот предлага нови правила за справување на корупцијата со правилата за лобирање во Европскиот парламент кои се релативно строги, а претставниците на различни организации мора да бидат регистрирани во соодветниот регистер, за да добијат пристап. По правило, европратениците мора да ги објавуваат своите состаноци со лобистите на интернет. Но, корупцискиот скандал открива празнини во правилата: во иднина ќе мора да се снимаат дури и разговори со владини претставници на земји кои не се членки на ЕУ. Пратениците сакаат да поднесат имотни листови, да ги објават дополнителните приходи и да забранат секакво надворешно финансирање на нивниот персонал и пратеничките групи.
Досега ЕП практично сам го контролираше, а Етичката комисија беше составена од пратеници. Наскоро надворешни експерти ќе проверат дали сите ги почитуваат правилата. Европската комисија сака да го даде соодветниот предлог за ова прашање. Зелените и левицата во Европскиот парламент се задоволни – долго време повикуваат на независно тело за етика.
Од каде дојде убавата Гркинка?
И конечно – од каде се појави убавата Гркинка, која германскиот весник „Тагесцајтунг“ ја нарече „Тројански коњ“. Таа има 44-години, потекнува од добростоечко семејство во Солун, студирала економија, архитектура, новинарство и меѓународни односи, вклучително и на престижните универзитети во Париз и Харвард. Што од тоа завршила, не е јасно? Кога стана телевизиска водителка, бргу стана позната како „најжешката новинарка на светот“, пишува германски „Зидојче цајтунг“.
На 14-годишна возраст, Ева Каили се приклучила на младинската организација на ПАСОК, а на 29-годишна возраст станала пратеник во грчкиот парламент. Сепак, ѕвездата во подем ги вкрстува копјата со двајца последователни партиски лидери кои го оспоруваат нејзиниот мандат во Солун. На крајот, во 2014 година, спасот – и политички и финансиски – го најде во Европскиот парламент, каде веќе отслужува втор мандат!
ПРЕЧИШ ДОМА, ОДИ НАДВОР Каили станала член на ПАСОК како малолетна, на 16 години и тогаш можела само да лепи плакати!
„Тагесцајтунг“ забележува дека денес Ева Каили е богата жена: во 2020 година заработила повеќе од 165.000 евра од плати; нејзините заштеди веќе изнесувале речиси половина милион евра, на нејзино име биле регистрирани шест недвижности и три автомобили, плус акции – и воедно таа нема долгови.
„Не е лошо за Грција, земја опустошена од штедењето“, саркастично забележува весникот, потсетувајќи како Кајли еднаш ги нападнала социјалните мерки на левичарската партија Сириза, велејќи:
„Што правиш, даваш социјални бенефиции. Но, на кого? На мрзливи луѓе! На момци, кои живеат и не сакаат да работат!“.
Не случајно пратеничката на ПАСОК добива аплауз од политичкиот противник „Нова демократија“, па поради тоа првиот човек на ПАСОК дури ја нарекува и „тројански коњ“.
Откако таа неочекувано и против волјата на нејзиниот партиски лидер Папандреу ги поддржала рестриктивните мерки, генералниот секретар на ПАСОК Ксинидис налутено ја нарекол „партал“.
„Зидојче цајтунг“ потсетува и дека за време на финансиската криза во Грција, Каили целата вина ја препишала на политичкиот систем во земјата и пред се на корумпираните политичари (упс!). Меѓутоа, сега и самата е осомничена за корупција, пишува весникот.
Ако и пречиш на својата партија, оди во странство
Белградско Време, повикувајќи се на германски извори, пред се на „Шпигл“ пишува дека таа ја напаѓала политиката на Ципрас во очи потпишувањето на Преспанскиот договор и барала од својата партија поостро да го спречи ставањето на потпис. Со оглед дека е солунчанка, како центар од каде Русија постојано ја хранеше политикаа против нашата земја а со оглед на нејзината видлива алчност, може да помислиме дека и таа како политичарка можела да биде под капата на Кремљ.
Вистинската моќ на Европскиот парламент е доста ограничена. Во последните години тој се здоби со повеќе права, но најголем дел од неговото влијание останува видливо. Но, оној кој тврди дека моралот и ја става борбата за европските вредности и демократијата во центарот на својата политика, мора да биде неизвалкан – ова е основата за влијанието на Европскиот парламент., иако автократите и десничарските популисти го вперуваат прстот кон Брисел со укажување на демагогија.
Ете така „тројанксиот коњ“ влезен во ПАСОК стана корисен за спротивниот табор во европскиот Парламент, откаско дрвеното коњче само ја смени адресата.
Извор: ЦИВИЛ Медиа