Проф. д-р Катерина Колозова се најде на 14-то место на светската листа на највлијателни жени во филозофијата во изминатите десет години, според Academic Influence.
Листата е составена од 25 имиња на највидните жени во филозофијата од САД, Австралија, Франција, Велика Британија, Финска, Белгија, Германија, Шведска, Велика Британија и Турција. Редоследот на земјите е наведен според редоследот во листата. Северна Македонија, благодарение на проф. д-р Колозова е застапена веднаш по Франција. Се разбира, рангирањето не е според земји, туку според личностите.
Најбројни се мислителките и универзитетски професорки од САД, како Ненси Фрејзер, Керол Гилиган, Марта Нусбаум, Дона Харавеј, Сали Хаслангер и други. Потоа следат Кејт Мане од Австралија, француската мислителка со бугарско потекло Јулија Кристева, Елиза Аалтола од Финска, Лус Иригаре од Белгија, Сузан Ниман од Германија, Катрин Малабу од Франција, Сара Даниус од Шведска, Мери Миџли од Велика Британија, Шејла Бенхабиб од Турција, и други.
Во текстот за највлијателните 25 жени во филозофијата, за проф. д-р Колозова пишува:
„Катерина Колозова е македонски академик, автор и филозоф. Таа е директор и професор по родови студии и филозофија на Институтот за општествени и хуманистички науки, Скопје и професорка на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, Северна Македонија. Таа е поврзана со шпекулативниот реализам и пишувала за не-филозофијата на Франсоа Ларуел и делата на Карл Маркс. Таа е членка на Организацијата Non-Philosophique Internationale, со седиште во Париз, Франција, од основањето.“
Како и кај сите, под краткиот текст, наведен е и линкот ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ од истата веб страница. ЦивилМедиа повеќе пати објавува текстови од и за проф. Колозова, меѓу кои, во овој контекст, е портретот објавен во 2020 година.
https://civilmedia.mk/portret-prof-d-r-katerina-kolozova-svetski-poznata-avtorka-na-bestseleri-vo-oblasta-na-filozofijata/