Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ објави видео порака на социјалните мрежи, во пресрет на новогодишните празници:
Маричиќ порачува дека во 2023 треба да останеме доследни на нашата стратешка цел и да ги продолжиме преговорите со ЕУ.
„Граѓаните тоа го сакаат и знаат зошто Северна Македонија треба да чекори на европскиот пат. Тоа е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и државата“ – вели Вицепремиерот Маричиќ.
Тој потсети на фактот дека нашата земја чекаше на почеток на преговорите дури 17 години и очекува, во позитивна атмосфера и консензус, тие процеси да продолжат, а во контекст на тоа да се направат и уставните измени.
„После 17 години чекање, направивме пресвртница во нашите односи со Европската унија. Очекувам, во позитивна атмосфера, со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени“ – рече Маричиќ.
Тој упати и новогодишна честитка со зборовите:
„Следната година да се радуваме на уште повеќе државни успеси, на кои сите ќе бидеме горди, а младите и идните генерации благодарни. Имајте среќни и весели празнични денови!“