Околу 25.000 вработени во Итната медицинска помош излегоа денеска на улиците на Велика Британија поради ниските плати и недостигот на работна сила во тој сектор.
Во штрајкот учествуваат болничари, возачи и луѓе кои одговараат на повиците. Тоа е втор протест на работниците во Брзата помош од средината на декември.
Претставниците на синдикатот тврдат дека платите на некои здравствени работници, вклучително и возачи и луѓе кои одговараат на повици, може да бидат под минималната плата.
– Кога не обвинуваат дека ги загрозуваме граѓаните, одговарам дека оваа власт ги загрози граѓаните со тоа што постојано одбиваше да разговара со нас. Ништо не ни нудат, изјави првиот човек на синдикатот „Унисон“, Кристина Меканеа.
Владините претставници во понеделникот се сретнаа со синдикалните претставници, но не беше постигнат договор, а решение не е на повидок.
На недостиг на работна сила и прекумерна работа се жалат и вработените во итните служби.
Според нивните тврдења, ваквата состојба е последица на недоволната државна поддршка и претходните финансиски кратења во тој сектор, а улога во тоа има и недостигот на странски работници поради Брегзит.
Британската Влада во последно време се соочува со бран штрајкови на вработените во јавниот сектор – медицинските сестри, машиновозачите, возачите на автобуси и работниците во поштата, како и работниците во Брзата помош.
Платите во јавниот сектор во Британија не ја следат двоцифрената инфлација, која беше 10,7 отсто во ноември 2022 година, ниту големиот пораст на трошоците за живот.
Извор: МИА