ДРАГАН МИШЕВ
Дали ви е познато чувството кога се движите со автомобилот по угорница и одеднаш автомобилот губи сила, станувате свесни дека нема да можете да го искачите ридот, панично и беспомошно стискате на педалата за гас, но бесполезно, автомобилот не забрзува, и веќе чувствувате дека нешто ве влече назад, и дека нема да успеете да се искачите до врвот…
На ова додадете и дека на „ ten o’clock“ ви доаѓа забревтан сино-жолт трактор, и доколку не му се тргнете од траекторијата, ќе ве разнесе на парчиња… и сега уште по жестоко притискате на гаста, машината бревта, испушта звуци како превосмукалка на „Слобода – Чачак“, се чувствува мирис на изгорена гума и вжештено железо, од ауспухот излегува густ и црн чад, пневматиците од сомнително (најверојатно кинеско) потекло се веќе сосема излижани и секој момент ќе експлодираат, браникот веќе се влече по асфалтот и фрла искри што ја потпалуваат вегетацијата крај патот, во паника го исфрлате совозачот од автомобилот за да добиете на забрзување, бесцелно стискате гас… гас… гас… а сино- жолтиот трактор е сѐ поблиску, и ударот е веќе неминовен…
И сега замислете дека автомобилот е „Москвич“, а зад управувачот седи Путин, лично, и пред очи во еден миг му поминуваат претходните 11 месеци, кога (каква ли грешка) на 24 февруари тргна на пат со москвичот, убеден (кој ми те тебе прелажа) дека тоа ќе биде краток туристички излет…
Ете, таква е во кратки црти моменталната состојба во која се наоѓа путиновата војска на боиштето во Украина.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia