Али Ахмети, лидерот на политичката партија Демократска унија за интеграции (ДУИ) вечерва оствари уште една средба со граѓаните во Гостивар под мотото „Заедно за Европа“. Придружуван од раководните структури на партијата, министри, пратеници Ахмети се обрати до жителите од населбите Џамиџид маало, Ново Маало, Силика, Шеста зона и Млаки.
Тој во обраќањето во локален ресторан, каде што беше организирана средбата напомена дека непобедивоста на партијата се должи на постојаната комуникација со граѓаните и сопартијците.
– Веќе две децении, не е лесно да се жнеат само победи и успеси кои нема да изостанат во иднина. Зад себе оставивме многу сработено за Албанците, а тоа не е за ДУИ. Сработивме многу во образованието, културата и здравството, рече Ахмети.
Ахмети пред гостиварци се потсети кога во 2002 година зборувал за тоа колку специјалисти Албанци има на скопските клиники.
– Денес сум горд што оваа ситуација се промени на подобро и само овде гледам 3-4 специјалисти. Иднината е во ваши раце бидејќи вие сте најмладиот тим. За 20 години ги реализиравме целите на генерациите што работеа пред нас, но не сме тие што треба се фалат дека ние придонесовме. Имало и пред нас и без нивниот придонес немаше да го реализираме ова, рече Ахмети.
Покрај Ахмети од говорницата на средбата се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери, кој за лидерот рече дека му ги поставил темелите на куќата (партијата) и дека главниот столб е токму Ахмети.
Бујар Османи, министерот за надворешни работи во говорот напомена дека Албанците во земјава се наоѓаат во „златниот период“
– Овие 20 години во последните 100, поминуваме низ златен период на Албанците. Од 2001 година па наваму, маргинализиран народ станува господар во нивната сопствена куќа и раководи со својата судбина и иднина, потенцира Османи.
Пред граѓаните на средбата во Гостивар зборуваа и шефот на пратеничката група и потпретседател на ДУИ Арбер Адеми, првиот човек на огранокот на ДУИ Гостивар Валдет Џафери, Неџати Јакупи како и пратеничката Арта Билали Зендели.
Вечерва по оваа средба се одржа уште една, на која Ахмети зборуваше со членките на гостиварскиот Форум на жени на ДУИ.
Извор: МИА