Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Закон за медиуми со казни и ограничувања за непрофесионално известување е притисок, а не муабети од говорница. Медиумите биле непристрасни! Пресмешно!
Како да тврдат дека се богови. Непристрасноста е недостижен идеал за човекот, постои само тежнеење кон таа вредност.
Овде? Смешни се ШТО тврдат, кога на агрегаторите се гледа веднаш дека се занимаваат со копипејстарство едни од други во 85%, а останатите 15% се бајас зависно од спонзорите. Не се стигнати ни до сериозно истражување или дебата, ќе тврделе објективност. До таму се безврска што една супер кратка вест не им е без правописна грешка. Барем правописот средете си го.
Ајде да речат „се трудиме да бидеме објективни”, ајде де. Ама не! Никаква скромност! Толку неотмено, сељандерски, медиумите тврдат за себе објективност, непристрасност, неутралност!
Утре, ако лидерот на АБВГД рече „Црното е бело”, нашиве „непристрасни” медиуми ќе објават вест „Лидерот на АБВГД рече дека црното е бело”. Абе тоа ли се вести, тоа ли е известување, тоа ли е информирање, тоа ли ве учат ПРОФЕСИОНАЛНО дека е објективно информирање? Срамота, ако ова се високи професионални стандарди!
Но, видовме сега дека медиумите знаеле да си стават контекст во информација кога некој ќе рече нешто против нив, „објективните”. Веднаш си ја покажаа „објективноста”.
Да, драги медиуми, неутралноста е абдицирање од расудувањето!
Етиката не е суво балансирање меѓу информации и не е салата од податоци, туку општествена одговорност. А општествената неодговорност која медиумите ја зачадија во просторот им се враќа сега како бумеранг. Секоја неодговорност се враќа.
Одговорноста е кармички поим.
Текстот е личен став на Авторот. | Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline