Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ах, бе, тролови, тролови… Како ли да ве наречам, а да не си ја извалкам устата и умот со вас… Видете вака, тролови… Знаете дека, не само што не влегувам во онлајн расправии со вас, туку и многу ретко ве читам. Читам извештаи за вас, каде што се издвоени најглупавите и најзлобните меѓу вас.
Но тоа не ви е ни важно, знам. Вам ви е важно да ве видат тие како вас и оние за кого работите. Да бидете дел од стадото, таа простачка булумента која дивее по социјалните мрежи. Добро, јасно, тие меѓу вас, што се добиток по фармите имаат само задача, дневна норма да исполнат. Мора нешто да се јаде, нели? Па нека е тоа и од нечесна работа.
Тролови…
Вие сте бактериите во трулите штици на грдата сцена на пропагандниот панаѓур на злото. Тотално безначајни и невидливи во бескрајот на човечката мисла.
Гадни, вулгарни и злобни, со поматен ум, платени или изманипулирани, но и глупави. И неписмени, морам да додадам.
Не читате. Веројатно и некој или нешто не ви дозволува да читате. А зошто и би читале? Имате вие една книга – катихизис на деструкцијата, нечовечноста, злото. Ништо друго не ви треба.
Да читате, нешто ќе дознаете за случувањата околу вас. Ќе научите нешто за животот, за луѓето, за светот.
Не. Сакате да останете на дното од мочуриштето. Живеете мизерен, болен живот, затворени во мрачните ментални зандани што ги изградија злосторниците за микроби како вас.
Доброволно им служите на најмрачните изданоци за човечкиот род, на злосторници и психопати. Обични слуги, одвратни во душата и умот, тапоглави и насилни. Примитивни форми на живот.
Што и да ви каже човек, малку е, а и не вреди. Терајте.
*
ПС. Од вашата неславна и нечесна работа, сепак, може да се извлече дури и некаква корист. Сакале вие или не, откривате повеќе отколку што планирате. Така, на пример, кога објавивме дека Цивил е таргет на жестоки сајбер напади, реагираа токму руските пропагандисти, нам толку добро познати. Ние не кажавме кој е нарачател на нападите. И не тврдиме дека руските служби стојат зад нападот, тоа ќе си покаже истрагата. Но од испарувањата на тоа што го оставате зад себе, се гледаат многу работи.