Советот на амбасадори со голема загриженост ги следи најавите кои што доаѓаат од Брисел и од главните градови на земјите–членки на Шенген Зоната за почеток на применување на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ETIAS) од 23 ноември 2023 година за граѓаните на државите од Западниот Балкан,( вклучувајќи ја тука и Македонија), кои што имаат целосна визна либерализација со земјите од шенгенскиот простор.
Визната либерализација претставуваше и претставува клучна придобивка за граѓаните на Македонија во досегашниот процес на европската интеграција.
Слободата на патување отвори неброени можности за личен развој, деловни врски, студиски патувања и друг вид на размена помеѓу жителите на регионот и граѓаните на Европската Унија. Воведувањето на дигитални овластувања за патување во Шенген зоната и плаќањето влезна такса од седум евра по човек е сериозен чекор наназад и повторно подигнување на нови и непотребни бариери кои ќе го нарушат слободниот проток на луѓе помеѓу Европската Унија и земјите – кандидати.
Советот на амбасадори ги поздравува досегашните напори направени од надлежните институции и надлежните владини ресори за спречување на овој непосакуван развој на настаните токму во овој деликатен момент за иднината на континентот.
Совет на Амбасадори, граѓанско и невладино здружение, кандидатскиот статус како и отворениот процес на преговори со ЕУ го сметаме за разумен аргумент за невоведување рестриктивни шенген мерки кон македонските граѓани
Советот на амбасадори повикува на национален консензус околу ова прашање со иницијатива за заеднички регионален настап на земјите од Западниот Балкан во Брисел и во главните градови на Шенген – зоната.
Извршен одбор на Совет на амбасадори