Неколку портали и анонимни профили на социјалните мрежи тврдеа дека со предлог-законот за работни односи породилното отсуство ќе се скрати од 9 на 5 месеци.
Ова тврдење беше проширено на 14.01.2023 од повеќе анонимни профили на Твитер. Некои од овие објави ширеа и теории на заговор дека ова било „стратегија на сатанистите за намалување на популацијата, да се обесхрабрат жените да раѓаат.“
Ваквите непроверени информации се ширеа и на портали: „Породилното отсуство на вработените мајки ќе биде скратено од 9 на 5 месеци, реагира јавноста на социјалните мрежи откако се појави предлог закон“, објави првично Скопје инфо на 14.01.2023.
Порталот mk, пак, потенцираше дека „Владата и министерството за труд и социјална политика не ги демантираат информациите според кои породилното боледување ќе трае само 5 наместо досегашните 9 месеци“.
Но, истиот ден, од Министерството за труд и социјална политика за „Фокус“ објаснија дека породилното отсуство не се крати: „Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месец и мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци.“
И министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на нејзината ФБ страница појасни дека породилното отсуство не се крати: „Дефинитивно нема да бидат скратени 9 месеци кои и следуваат на мајката за да се грижи за своето бебе по раѓањето! Со овој нацрт – закон даваме прилика и на таткото да може да учествува во грижата на детето!“.
И Вистиномер, во анализата „Не е точно дека породилното отсуство на мајката се крати од 9 на 5 месеци“ констатира: „Породилното отсуство за мајката не се крати туку тоа останува исто, со тоа што се дели на 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство. Таткото, исто така, добива право на 4 месеци родителско отсуство.“
Накусо, тврдењата дека породилното отсуство ќе се скрати се покажаа како неосновани. Затоа, ги оценуваме како дезинформации, кои беа користени на социјалните мрежи и порталите за пропагандни напади кон владата и владејачките партии.
Извор: СМК.мк