Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ повторно се најде на удар на хрватската јавност , посебно откако завчера изјави дека „Косово е украдено од Србија“ и дека „Крим никогаш нема да биде Украина“.
Поради ваквиот негов став, лидерот на истарскиот демократски сабор (ИДС), Далибор Паус денеска изјави дека се оди во правец тие како партија да не го поддржат Милановиќ на изборите за втор претседателски мандат.
Паус изјави дека се уште не се одлучиле за евентуална поддршка за Милановиќ за втор мандат, но дека се оди во насока да не го поддржат.
-Тој уништува еден начин на комуникација и доверба во институциите, а тоа е пречка да биде добар претседател. Како што сега стојат работите, се оди во насока да не го поддржиме, но се надеваме дека претседателот ќе се вразуми бидејќи кога е поважно како нешто е кажано, а не што е кажано, тогаш работите не се добри , изјави Паус во гостување на загрепската телевизија N1.