Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер денеска остварија средба во Хераклеја во Битола, каде беше претставен проектот за конзервација и презентација на мозаиците и архитектурата на локалитетот.
За овој проект, како што соопшти министерката Костадиновска Стојчевска на Фејсбук, беше обезбеден грант од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство на САД.
Костадиновска-Стојчевска на средбата упатила благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и нашата држава, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку Амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
-Културата и културното наследство зборуваат за нашиот национален идентитет, тие се првиот, највидлив репрезент на државава пред секој намерник во нашата земја. Имаме уникатно богатство на чија заштита посветено работиме, пишува министерката на Фејсбук.