Oд средината на мај веќе нема да можe да сe пуши марихуана на јавни места во историските области на Амстердам, бидејќи холандските власти се борат против негативните ефекти од масовниот туризам.
Согласно останатите измени, рестораните мора да се затворат порано, а проститутките порано да завршат со работа во квартот на црвените светла Вален, се вели во соопштението на градот. Потезите имаат за цел да ја направат населбата побезбедна и поудобна за жителите, се вели во соопштението, истакнувајќи дека ноќе, атмосферата понекогаш може да биде „многу мрачна“. Локалните жители со годините се жалат на пиењето, викањето и пушењето. Туристите привлекуваат и дилери на дрога, кои пак создаваат криминал, зголемувајќи ги опасностите на улиците, се вели во соопштението од градот.
Една од причините зошто туристите ги привлекува Амстердам се кафулињата каде што на туристите им е дозволено да купуваат мали количини хашиш и марихуана.
Градските власти размислуваат дали да ја ограничат продажбата на кафулиња во периодот од 16 часот попладне до 1 часот по полноќ.
Новите правила се дел од поширокиот сет мерки за заштита на локалното население, со дополнителни правила според кои пабовите ќе мора да престанат да примаат гости по 1 часот по полноќ.
Проститутките ќе мора да ги затворат прозорците до 3 часот наутро, наместо до 6 часот наутро.