ВОЈО МАНЕВСКИ / ЦИВИЛ Медиа
Куќите имаат делови каде се собираат тајните. Таваните имаат некоја мистика, како да се некаква временска капсула која ги чува предметите заедно со спомените за нив. Интересно е кога се качи човек на таванот по некоја најобична причина и од таму слезе со сознанија за денешнината. Како некој потсетник дека некои општи правила важат за сите времиња. Предметите оставени на таванот едноставно нѐ потсетуваат дека сѐ има свој век на употреба и некакво општо значење, лесно за споредување со состојбите од денешнината.
Се качувам на таванот испратен во потрага по низата суви пиперки неопходни во овие први овогодишни студени денови, а се вратив со наполнета глава со заклучоци за кои вреди да се пишува. Се пробивам меѓу разните кутии со спакувани предмети и заробени сеќавања за да си ја завршам задачата, кога една од нив го истури своето незадоволство од местото на кое е оставена и со сета тежина залегна на моето стапало. Како да сум на социјалните мрежи го истурив сиот репертоар на пцости и гнев врз таванската атмосфера, подготвен да ја фрлам кутијата во најдалечното ќоше на таванот. Не се даваше затворената кутија залепена со АЕРО селотејп зошто имаше тежина која не ја очекував. Спакувана како лажен профил на ФБ упорно ги тестираше моите истенчени нерви. Два пати зедов воздишка за да не одговорам неприкладно како да сум МНР и полека почнав да ја распакувам. Кутијата од тврд картон останата од некој Горење апарат не се одлепуваше лесно зошто се сродиле со селотејпот. Таванската темнина ми правеше некаква мистична атмосфера додека ги отворав горните делови од кутијата. Под картонот изрони дебел слој од весници во кој беше замотан мистичниот предмет. Нова Македонија, весник со ширина на есенски јуфки убаво го заштитил предметот од надворешни влијанија. Ми падна жал да го кинам авторското дело на некои мои одамна заборавени колеги и внимателно го раздиплив со намера да го читам, ако го преживеам изненадувањето од картонската кутија. Полека се покажа една долга рачка на која пишуваше „Братство Охрид“ и некаков капак кој на рабовите имаше дебела гума. Трпеливо ги вадев свиените весници од внатрешноста и на крај изрони еден лонец со дебело дно и зафатнина од барем пет литри. Го ослободив во целост и го извадив на пригушената светлина. Папенов лонец кој мојата покојна мајка го викаше „експрес тенџере“ изрони како Наутилус од временската капсула. Го вртев за да видам дали е во целост и забележав една поштенска налепница на која пишуваше – МАКЕДОНИЈА и улицата во која е испратен лонецот на отслужување на неговата функција. Да, да, мистиката на мојот таван ми ја откри сегашноста на мојата татковина. Мојата Македонија е како Папенов лонец кој за да ги свари состојките мора да е под голем притисок и затоа е под контрола на еден мал издувен вентил низ кој излегува вишокот на пареа што се создава во внатрешноста. Ако и тој не си ја врши својата улога, голема е веројатноста притисокот од внатре да доведе до потполно уништување на состојките ставени да се приготвуваат или да експлодира целиот Папенов лонец.
За да си ги објаснам тековите на процесите околу мене се обидов во мојот Папенов лонец да ги ставам состојките што ми се на располагање. Расположението на моите сограѓани притиснати со секојдневието што ги преокупираат го ставам како подлога на дното. Добра моја пријателка која беше учесник во локалните збиднувања во последната деценија ја сретнав случајно, а заклучоците од разговорот се неслучајни.
– На работа одам, а не сум сигурна зошто одам, ова што го работам не знам дали некому му значи. Помладите се незадоволни од перспективата, а јас сум незадоволна од нивната заложба на работа. Како да сме два света што само случајно се во иста зграда или канцеларија. Како да сме во некаков лонец кој не зоврива, туку се подгрева, само гледаме да помине денот.
Во просториите на ЕВН намуртени десеттина мои исписници стискаат фактури за струја и меѓусебно дебатираат со глас кој како да излегува од стар оџак и им ги прави рапави исказите.
– Немаме држава, немаме закон, ми вели еден мој соученик со кој заедно седевме во клупите кои сега се изложени како декор во спомен собата на Гоце Делчев.
– Школски да те прашам нешто, ми вели?! Го одбележуваме роденденот на Гоце и вие пишувате за него и неговите ученици, а зошто не напишеш дека во тој клас на тоа место, после осумдесет години од неговото даскалување, ние бевме 42 ученика? Ти беше 23-ти, а јас 41-ви според првата буква од презимето. Ај сега напиши колку ќе има ученика на истото место во класот на нашите деца! Петнаесет, седумнаесет или помалку? Види колку струја ми натпишале, како ние да не знаеме да прочитаме што пишува на струјомерот, па и ние на училиште одевме и ние некои школи завршивме. Е сега кажи чија е оваа држава, наша или на еди кој си?
Прашања многу, а одговори малку или се завиени како мојот лонец во големите листови на Нова Македонија. Се обидов да најдам одговор во мислите на големите филозофи и нивните тези ми изгледаат како суштина во овој свет на конфекции и и инстант филозофии.
Хегел пред повеќе од двесте години состојбите ги образложил со својата теорија на дијалектиката. Тој вели дека има дијалектичко единство на спротивностите, кои незапирливо се развиваат до моментот на разрешувањето и од нив се раѓа ново единство на спротивности кои се нов квалитет. Тој процес во општествената стварност е со различна брзина, но е незапирлив. Разрешувањето на спротивностите може да е по еволутивен пат или по пат на револуција.
Слични тези има и во „теоријата на одразот“ на мојот штипјанец Тодор Павлов иако идеолошката тесноградост или идентитетската проблематичност ги става материјалистичките филозофии во светот на одминатите политички системи.
Да се вратам јас на мојата теорија за експрес тенџерето. Примерите за незадоволство кои ви ги опишав, ниту се единствени, ниту се во мал број. Тоа е скоро, па општо расположение на граѓаните на оваа држава која како и да ја крстиме мора да и дадеме додавка на тажост или несреќност.
Колку се забрзани процесите со разрешување на спротивностите? Ќе се разрешат ли тие по еволутивен пат или неодминливо ќе дојдеме до поголеми општествени состојби кои ќе имаат револуционерен расплет и со опасност од големи ломови? Ако го донесуваме заклучокот по атмсфера на а-социјалните мрежи тогаш нема да има револуција, туку некаква анархична појава која целото општество ќе го задави со омраза и деструктивност.
Знаете ли што го држи Папеновиот лонец за да не експлодира? Цврстата гума која држи цврсто залепен капакот за лонецот и вентилот за испуштање на вишокот притисок. Ако улогата на вентил се а-социјалните мрежи се поставува прашањето кој треба да биде цврстата гума и стегата на капакот? Интересите на големите сили се неодминливи, но мора да има домашна сила што е причина за постоење на државата. Одговорот е лесен – народот, а посебно неговиот најобразовен и најодговорен дел. Добро е тие две квалификации да се совпаѓаат, ама ние не сме во состојба да бараме такви финеси. Каква глина имаме такви цигли ќе правиме. Интелигенцијата на овој народ (во смисла на граѓани, а не национални определби) мора да ја преземе одговорноста за опстанокот на државата. Срамота и грев кон овој народ е орото да го водат неуки ороводци. Широката платформа за реформи во сите сегменти на општеството можат да ја направат само оние што знаат како, а притоа имаат одговорност за тој процес. Тесните рамки на партиите мора да се разрешат за да не бидат архаични клубови на владетели. Тој процес на партизација на сѐ и сешто го разбирам како кога во експрес лонецот ставаш премногу продукти, а премалку вода. Опасноста не е да експлодира лонецот, туку продуктите едноставно ќе загорат, ќе се стопат и ќе го оштетат лонецот, па после неговото чистење ќе бара и многу средства и многу време. Со пепел и песок не се чисти таквата загореност.
Господа (госпоѓи, госпоѓици) интелектуалци можеби не ви е блиску филозофијата на Хегел, можеби не верувате во дијалектиката и нејзините правила, верувајте им на очите и лицата на своите роднини, соседи, на по некој школски исписник, на некоја заборавена љубов, на некој случаен минувач. Поттурнете го процесот на дијалектиката на претворање на квантитетот во квалитет и покажете го своето знаење и храброст. Предложете решенија на политички, на економски, на социјален план и изборете се за своите ставови.
Го држам експрес тенџерето во раце и размислувам дали да го вратам на таванот и да го спакувам во некоја нова картонска кутија на која сега ќе пишува Ваикики и да го однесам во најтемното ќоше на таванот. Да чека некоја нова генерација која ќе ја потсети на својата функција и блискоста со општествените процеси. Темнината на таванот ќе го сокрие тенџерето на мајка ми, ама во мојата татковина експресниот лонец веќе испушта пареа низ вентилот што треба да му гарантира сигурност.
А за крај на ова мое писание ви предлагам да го употребите експрес тенџерето за еден пригоден ручек, а рецептот е следниот:
Овча компир манџа – овчо месо од овца овчеполка и статус на ѕвиска. Компири од беровско, кромид од велешко, зачините задолжително од европско потекло. Прво, месото се вари два часа за да омекне, а потоа се ставаат домашните зеленчуци. Кромид „погачар“, сечкани пиперки, домати од струмичко Ново Село, зелка од Полог (ситно сечкана), прилепски црвен пипер – лут, вода од Рашче. Дозите сами определете ги според запремнината на лонецот. Сето добро распоредете го и затворете го капакот со американскиот сигурносен затворач. Испусниот вентил со европски скрининг „цености“ темпирајте го и ставете го на рингла греана со македонска евтина струја. Запалете цигара и чекајте сето тоа да се соедини во внатрешноста на експрес тенџерето. Ниту за миг не го испуштајте од вид вентилот за да не го доведете во опасност целиот процес и тенџерето посебно. По неодредено време полека одвртете ги американските безбедносни навои, оставете го отворен европскиот вентил и оставете манџата да се олади. Сипувајте по малку за да не се надразнуваат сетилата и на соседите и сипете си една ж’та тиквешка.
На здравје господа интелектуалци и тоа со добро вино Т’га за југ!