Премиерот Димитар Ковачевски достави до Собранието предлог за реконструкција на Владата, за четворица министри и пет заменици министри, откако вчера ги заокружи преговорите за влез во владиното мнозинство на Алијансата за Албанците, соопшти владината прес-служба.
Нови кадровски решенија има за министерствата за правда, за здравство, за информатичко општество и администрација, каде доаѓаат кадри од АА, и за животна средина и просторно планирање, каде наместо ДУИ ќе раководи СДСМ.
За министер кој ќе раководи со Министерството за правда, предложен е Кренар Лога. За министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, предложен е Фатмир Меџити. За министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, предложен е Азир Алиу. За министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, предложена е Каја Шукова.
Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во пет министерства, за одбрана, за правда, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за образование и наука и за здравство.
За заменик министер во Министерството за одбрана предложен е Тирон Јајага од Алијанса за Албанците. За заменичка министерка во Министерството за правда предложена е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ. За заменичка министерка во Министерството за здравство, предложена е Маја Манолева. За заменичка министерка во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство предложена е Вјолца Бериша од Алијанса за Албанците. За заменик министер во Министерството за образование и наука, предложен е Агим Нихиу од ДУИ.
Коалицискиот партнер Алтернатива, кој раководеше со министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.