Премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беше во посета на Ресава, во тиквешкиот регион, каде, со традиционалното закројување на лозјето, се одбележа денот на лозарите, Св. Трифун.
Честитајќи им го празникот на лозарите и производителите на вино, премиерот Ковачевски посочи на мерките на Владата на Република Северна Македонија, кои се насочени кон поддршка на лозарството и винарството.
„Во чест на празникот Св. Трифун, традиционално ги закроивме лозjaта со желба и надеж за уште една поплодна година од минатата. Денес го празнуваме трудот на луѓето кои со квалитетот на нивното вино нѐ прославуваат како држава низ светот, по што, меѓу другото, сме и почитувани насекаде.
Тука сме за да им помогнеме, да ги поддржиме, да им оддадеме признание за нивната макотрпна работа и да им дадеме уверување дека и оваа година ќе им обезбедиме квалитетни услови за работа, како што тоа го правиме континуирано и без никакви задршки. Во изминатиот период ја покажавме нашата грижа и посветеност да ги помогнеме лозарството и винарството и да ги направиме уште поконкурентни за регионалните и светските пазари”, истакна премиерот Ковачевски.
Горан Јаковлевски, претседател на здружението Тиквешки семејни винарии, се заблагодари на финансиската поддршка од страна на државата.
„Во име на здружението Тиквешки семејни винарии, во кое членуваат шеестина производители на вино и десетина, од минатата година, регистрирани производители на ракија, би сакал да ви се заблагодарам за финансиска поддршка- грант за купување на опрема за малите винарии во износ од 10.000 евра, кои, за прв пат, беа доделени минатата година.
Таа помош дојде во вистинско време на право место, таму каде што е најнеопходна на малите производители на вино. Ние посакуваме и се надеваме дека во иднина ќе бидеме главниот столб на винарството во Македонија.
Ве охрабрувам, поддршката да продолжи и понатаму и не само на производителите на вино и ракија туку и на останатите производители на храна затоа што ние достојно ја чуваме и негуваме македонската традиција”, нагласи Јаковлевски.