Меѓусебни обвинувања, реплики и контрареплики, на ова се сведе денешното второ продолжение на 104. собраниска седница. Пратениците повторно ги спротивставија ставовите околу владината коалиција и реконструкција.
Снежана Калевска Ванчева од СДСМ изрази жалење што од говорницата се слуша реторика на, како што рече, поделби, деградации, омаловажување и омраза.
-Тука сме да работиме заедно, во интерес на народот. Дали ваква реторика ќе имавте ако Алијанса останеше со вас во опозија? Сигурно не. Ова е политичка влада, политички договори се правеле и ќе се прават. Ова се нормални процеси, особено во вакви времиња, напомена Калевска Ванчева.
Елми Незири од АА објасни зошто неговата партија одлучила да стане дел од Владата. Рече и дека и дале шанса на ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, но таа по локалните избори се вратила на старите патеки.
-Заземавме политички став, одговорен, да и дадеме шанса на ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, да се врати во реалноста. Соработувавме на локалните избори. Штом изборите завршија, ВМРО-ДПМНЕ се врати на старите патеки, кон Орбан, Додик. Жал ми е што на некој начин го губи контактот со реалноста. Ќе продолжиме со нашите ставови во Владата, но политиката се дефинира и како избор на приоритети, а приоритет над сите пориоритети сега е да го фатиме чекорот што го чекаме 30 години, подвлече Незири.
И неговиот сопартиец Халил Снопче потврди дека АА стои зад сите критики што ги изрекла кон Владата.
-Алијанса за Албанците стои зад сите изјави што ги кажа против ДУИ, СДСМ и Владата. Не се пишманивме, ниту имаме намера да се пишманиме околу изјавите и критиките, му рече Снопче на Зендели.
Како АА ќе излезе пред глаасачите за да им објасни дека Ахмети и Груби не се криминалци како што ги нарекуваа и дека заедно ќе се борат за искоренување на корупцијата?, праша Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ
-Образложението дека со влезот на АА во Владата ќе се забрза европскиот пат не држи, зашто ако АА ги почитуваше европските вредности и принципи, можеше да го одржи зборот пред граѓаните и да ја поддржи Владата во евроинтеграциските процеси без да преговара со неа за министерски функции, додаде тој.
Пратениците моментно се на пауза, а седницата треба да продолжи во 15 часот.