По реакциите на некои од конзументите на субвенции од Министерството за култура од резултатите на годинешниот конкурс за проекти, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, детално ги изнесе аргументите од одлуките на членовите на Комисиите. На денешниот брифинг со новинарите, таа потенцираше дека ги разбира незадоволните и дека пари за култура никогаш не се доволно, но распределбата на средствата е направена според расположливиот буџет и според бодувањето кое е пропишано кај секоја Комисија поединечно и востановените критериуми.
„Ги повикувам сите кои сметаат дека на било кој начин биле обесправени, откако ќе ги добијат своите решенија и имаат забелешки по однос на одобрени проекти и сума, да поднесат жалба. Комисијата сето тоа добро ќе го разгледа и ќе одлучи по однос на нивните жалби“, рече министерката за култура, апелирајќи до сите да го искористат овој правен механизам.
Рокот за поднесување жалби е 15 дена по објавените резултати а одговор на жалбата, ќе биде испратен исто така по 15 дена од поднесувањето.
Незадоволни писатели, организатори на фестивали, музичари пишувачи на монографии
Меѓу реакциите во јавноста и негодување на некои од апликантите, имаше такви кои не се задоволни затоа што не добиле средства, но и такви на кои средствата им се малку.
Регираа некои писатели, музичари, организатори на фестивали, автори на монографии а особено прашина се крена за поддршката на одбележување на 50 годишнината од кариерата на пејачката Цветанка Ласкова.
По бурните забелешки во јавноста, Ласкова најави дека ќе го повлече проектот и се огради дека тоа не било нејзина идеја, туку на студиото Сити Саунс кое сакало преку нејзиното творештво како интерпретатор да се опфати пет деценискиот развој на македонската фолк и поп музика.
Што се однесува до најавата на организаторот за повлекување на проектот за „Оф фест“, министерката рече дека можат да го искористат правниот механизам за жалба, тоа е нивна одлука и не е прв пат тие да се незадоволни.
Добиваат пари но им се малку: Организаторот на „Офф фест“ повторно е незадоволен и најави дека ќе го откаже фестивалот – ЗЏМ добиле 800.000 денари
Оваа организација низ годините редовно добивала и добива средства од државата за организација на OFF Fest и на Скопскиот Џез фестивал, како манифестации од важно значење за државата. Сепак после повеќедецениско постоење на фестивалите, за очекување е нивното финансирање да стане независно и да може да обезбедува доволно средства од продажба на билети и приватни спонзорства.
Стекнувањето на реноме, какво што имаат „OFF Fest“ и Скопскиот Џез фестивал значат и полесно обезбедување на спонзорства, а дополнително кон финансиска независност на фестивалот придонесуваат и билетите за овие два фестивали, чија цена е значително повисока од останатите манифестации кои добиваат поддршка од Министерството за култура.
Организација која редовно добива најголеми средства од Министерството, да се жали и откажува фестивал поради помала сума од очекувањата е непочитување на останатите културни работници во државата, кои исто така придонесуваат за развојот на културата и културната сцена во земјава.
Костадиновска- Стојчевска рече дека буџетот од 2 милиони денари што го добил фестивалот е ист како оној лани кога повторно се жалеле, па им се дадени дополнителни еден милион денари.
За реакцијата на Здружението на џез мизичари на Македонија, таа рече дека ЗЏМ добиле поддршка од 800.000 денари и дека таа е свесна за значењето и квалитетот на музичарите и не е точно дека не го разбира нивниот квалитет.
За реакцијата на писателот Петар Андоновски и некои други писатели, исто така потенцираше дека секогаш низ годиниве добивале поддршка и за авторски дела и за преводи, и дека не се точни инсинуациите за некаков реваншизам од нејзина страна, и дека за проектите си одлучуваат членовите на Комисиите.
Во однос на заштитата на аудиовизулените добра, и реакцијата на Кинотека, министерката рече дека тие добиваат низ годиниве во просек 6 милиони денари, а годинава добиле 5.900.000 денари.
Има такви кои немаат личен критериум за квалитетот и дали треба да аплицираат на овој конкурс за култура
Извесен проект што конкурирал за проекти од национален интерес во културата, во рамки на одбележување на 120 годишнината од Илинден, всушност бил од сосема поинаква природа.
Апликантот навел дека му се потребни средства за набавка на пет коњи, храна за коњите, средства за гориво итн, и патем дека ќе бидат ангажирани петмина пејачи.
Фестивалот „Макфест“, за кој реакција имаше од градоначалникот на Штип, Костадиновска Стојчевска, рече дека Комисијата одлучила така бидејќи фестивалот е во извесен пад но и дека за него треба да се погрижи и градот Штип, во насока на децентрализирање на поддршката во културата.
И за останатите фестивали како „Златно славејче“ и штипскиот „Макфест“, Комисиите сметаат дека средствата од Министерството за култура им се доволни, како иницијална поддршка, уште повеќе што се одржуваат на плејбек а можат и да најдат дополнителни комерцијални спонзори.
Министерството не одлучува по партиски клуч туку според квалитет
Никогаш повеќе ова Министерство нема да одлучува по партиски клуч, онака како што беше до пред неколку години, како што сите паметиме дека тоа се случуваше, изјави Бисера Костадиновска – Стојчевска по брифингот со медиумите.
Според неа, секој квалитетен проект за кој Комисијата ќе одлучи дека е квалитетен, треба да се поддржи.
„Никогаш да не се гледа на индивидуалност, да не се гледа на партиска припадност, како што сум сигурна дека тоа комисиите ниту за овој повик не го правеа“, нагласи таа.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека апликантите треба да се обидат да најдат и други извори за субвенција и дека никаде во светот државата не ги поддржува проектите со вкупната сума која е побарана. Според неа ЕУ фондовите се одлична можност и дека треба да се насочиме кон ползување на средства за културата бидејќи имаме многу квалитетни уметници што би биле препознаени и од овие фондови.
Таа нагласи и дека во подготовка се и Закони за повикување на општествена одговорност во културата од страна на бизнис секторот и мотивирање со даночни олеснувања за влог во културата.
Од вкупниот буџет со кој годишно располага Министерството за култура со 51, 3 отсто го обезбедува одржувањето на институциите, додека останатите се за проекти и друга поддршка на културата како котизации и слично.
Ана Василевска / НоваТв