Бугарските здруженија во Северна Македонија денеска треба да остварат средба со МНР Бујар Османи.
Средбата доаѓа во пресрет на истекувањето за законскиот рок за пререгистрација на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и предизвикуваат тензии меѓу двете земји.
Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување.
Клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура. Од друга страна битолскиот клуб „Иван Михајлов“, најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународен суд.
-Државјаните на Република Северна Македонија, без разлика на која етничка група припаѓаат, имаат своја влада и свои институции каде може да ги адресираат своите прашања и проблеми. Јас сум постојано отворен за средба со која било група наши државјани од која било етничка припадност, изјави вчера Османи.
Eвропскиот комесар за проширување и добрососедски односи Оливер Вархеји, вчера пред Европскиот парламент изјави дека очекува да се намалат тензиите меѓу Софија и Скопје кои кулминираа на 4 февруари, а сите одговорни за инцидентите што се случија да се соочат со правдата.
„Настаните од 4 февруари не се охрабрувачки. Се надевав на многу повеќе – како што беше одлучено од раководствата на двете земји, ќе има заедничко одбележување на датумот. Се надевам дека ќе успее следната година и нема да има слични настани на границата. Морам да признаам дека за властите во Скопје не е лесна задача да останат смирени доколку има провокации на границите. Заедно, ЕУ мора да испрати порака дека историјата се споделува и како таква треба да се слави. Ќе направиме се што е во наша моќ да ја намалиме тензијата. Се надеваме дека ќе се спроведат сите билатерални договори“, рече Вархеји одговорајќи на паршања на бугарските европратеници.